Со свечени седници и доделување на награди одбележан Денот на рударите во Пробиштип и Радовиш
- Со свечената седница на Советот на Општина Пробиштип вечерва заврши одбележувањето на Денот на Општината и Денот на рударите. На седницата присуствуваа министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Јована Тренчевска.
Пробиштип/Радовиш, 28 август 2023 (МИА) - Со свечената седница на Советот на Општина Пробиштип вечерва заврши одбележувањето на Денот на Општината и Денот на рударите. На седницата присуствуваа министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Јована Тренчевска.
Градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов на седницита ги потенцираше реализираните проекти во изминатиов период.
-Доделивме признанија на нашите рудари кои учествуваа во спасувачката акција во катастрофалниот земјотрес во Турција и награди за најуспешните ученици за оваа година. Ја проследивме и отворивме самостојната изложба на ликовниот уметник Душан Коцев, која ќе биде отворена до 7 септември во Домот на културата „Злетовски рудар“, рече Анастасов.
Во рудниците „Боров Дол“ и „Бучим“ за бакар и злато во Радовиш вечерва беа доделени плакети и специјални парични награди на најдобрите 25 рудари. Еден од нив е и Илија Карабашев, багерист, кој управува со 500-тонски рударски багар.
МИА претходно информираше дека генералниот директор на овие два рудници, Александр Раков најави оти оваа година за Бучим и Боров Дол ќе биде година на круцијални промени кон целосно подобрување на работата на рудниците.
-Во април 2023 година, поднесено е барање до Владата на РМ за припојување на правното лице ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш кон ДПТУ Бучим ДООЕЛ Радовиш согласно Законот за минерални суровини. Се очекува дека 2023 година ќе биде одобрено барањето и ќе се пристапи кон припојувањето, што преставува обемен проект. Припојувањето ќе се одвива на тој начин, што ниедно работно место нема да биде скратено, изјави Раков.
Одбележувањето на Денот на рударите завршува со концерти на познати македонски и балкански музичари. вдј/бак/
Фото: МИА