• сабота, 23 ноември 2024

Со повеќе активности во Центар, најавен „Маалски фестивал“

Со повеќе активности во Центар, најавен „Маалски фестивал“

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Со детска работилница, креативно пишување, цртање и раскажување во ОУ „Киро Глигоров“, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски и директорот на Културниот центар „Јадро“, Ѓорѓе Јовановиќ, го најавија второто издание на „Маалски фестивал“, што ќе се одржи во Дебар Маало, соопштија од Општината.

Станува збор за фестивал во организација на Културниот центар „Јадро“.

- Фестивалот почнува во петок и има навистина различна и богата програма за сечиј вкус и секоја возраст. Општина Центар дава поддршка за реализација и на ова второ издание од фестивалот и тридневното уживање на граѓаните. Верувам дека и вие го делите истото мислење, дека на сите нас ни недостасуваат проекти што го подобруваат социјалниот и културниот живот, затоа како општина ќе продолжиме да организираме и поддржуваме проекти, што се од витално значење за нивното дружење и социјализација. Навистина ви советувам да ги откажете плановите за викендов затоа што ни следи одлична забава, се наведува во писмената изјава на Герасимовски.

Според Јовановиќ, работата на културниот центар е вклучување на граѓаните во реализацијата на културните програми во општината, што на овој фестивал е најмногу застапено.

- Имаме серија на работилници што ќе се одвиваат во текот на целиот фестивал, како работилницата за изработка на урбана опрема, за изработка на чудно звучни инструменти, за костими од картон и нивна резентација. Ќе има и доста музика, ќе има саем на ракотворби и книги, раскажување приказни поврзани со Центар, каде секој ќе може да ја раскаже својата. Овие фестивали не се само место на средба, дружба и радост, туку и на размена на разни искуства и емоции. А најважно е, што преку фестивалот создаваме еден инклузивен простор за сите, се истакнува во пишаната изјава на Јовановиќ.

„Маалскиот фестивал“ оваа година ќе вклучува танц, музика, книжевност, прошетки по маало, работилници, филмски промоции, театарски претстави и уличен базар. Овој мултимедијален и инклузивен колаж од збиднувања има за цел да ја анимира и инспирира локалната заедница. Па така, и уметниците и публиката заеднички ќе учествуваат во создавање на една неповторлива и автентична маалска приказна.

Официјалното отворање на фестивалот е утре во 19 часот во просториите на КСП Центар-Јадро. бд/дма/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан