• недела, 02 март 2025

Со над 600 учесници се одржа дефилето на маски на карневалот „Прочка 2025“

Со над 600 учесници се одржа дефилето на маски на карневалот „Прочка 2025“

Прилеп, 2 март 2025 (МИА) - Над 600 маскирани беа дел од големото карневалско дефиле во центарот на Прилеп како кулминација на карневалските свечености по 23-ти пат. На карневалот учествуваа и млади и стари, и не само од Прилеп, туку и од Куратица, Охридско, Пробиштип, Бегниште....  Имаше современи и традиционални маски: „Весели пирати од Пробиштип“, „Клеопатра во Куратица“, „Арката на дедо Ное“, „Го пратиле дедо в планина“, ангели и демони. Маскираните испратија пораки да се подобри светот и односите меѓу луѓето.

Големото карневалско дефиле го предводеа прилепските мечкари- заштитната маска на карневалот.

- Мечкарите се тука да ги избркаат злите духови. Ги бркавме и ќе продолжиме додека сите не ги избркаме. Вековната традиција која ја воспоставија касапите и еснафот продолжува зашто имаме подмладок. Во „Прилепските мечкари“ се преку 45 возрасни и пет мали, до петгодишна возраст. Ниту дождот, ниту ветрот не може да ги запре мечкарите. А дождот е како знак дека треба да ги исчистиме и да си ги простиме големите гревови, изјави Тони Павлески од здружението „Прилепски мечкари“.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески го нагласи чинот на простување на Велики поклади- Прочка. -Тука сме да подариме љубов и разбирање, да простиме за сторените гревови и да ни се прости. Карневалската традиција во Пирлеп е вековна и ја одржуваме, порача Јовчески.

До вечер стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски на годинашниот карневал, а утре, на Чуст понеделник кога почнувата постите, здружението „Прилепски мечкари“ традиционално поканува на посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај прилепското село Присад.

Дел од тридневните карневалски свечености во Прилеп беше и изложбата на повеќе од 800 маски на учениците од прилепските училишта и презентацијата на прочкарските обичари- амлање јајце. ем/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан