• недела, 22 декември 2024

Со меѓународен карактер годинашното „Невестинско поклонение“

Со меѓународен карактер годинашното „Невестинско поклонение“

Крива Паланка, 24 март 2024 (МИА) - Неколку стотици верници, гости и посетители присуствуваа на годинашното, 14. издание на традиционалната манифестација, уникатен пост-свадбен обичај „Невестинско поклонение“ што се одржа во кругот на црквата Св. Теодор Тирон во село Конопница, кривопаланечко.

Во духот на вековната традиција, пет пара снаи и свекрви од Крива Паланка, Ранковце, Герман, од Галичката свадба и збратимениот град на Крива Паланка, Лесковац, Србија, примија благослов и молитва за род и пород од свештенството при Кривопаланечкото архиерејско намесништво.

-Ги негуваме обичаите и традицијата - дел од македонскиот културен идентитет и како аманет ги пренесуваме на идните поколенија. Бројните гости во дворот на црквата Св. Теодор Тирон во Конопница, кои присуствуваа на традиционалниот културен бренд од земјава, сведочеа на обновениот ритуал што ги чува корените на предците и трајните вредности на обичајната култура. Заедно со институциите од културата ќе продолжиме да ја поддржуваме манифестацијата, чувар на семејните вредности како основна клетка на општеството, вредности со универзални пораки што го чуваат македонското културно наследство, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

На настанот се обрати и идејниот творец и иницијатор за возобновување на манифестацијата, Стојанче Величковски, а присуствуваа и претставници од политичкиот живот, пратеници, советници и бројни други граѓани.

По завршувањето, се организираше свечено доделување на поклоненичи брошеви со лого на манифестацијата, а веднаш потоа, се одржаа водосвет и предавање на кумството на селската слава, како и културно – уметничка програма во изведба на КУЗ Карпош и музички бенд.ид/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан