• недела, 12 мај 2024

Со камион „џемс“ стар половина век се исчисти снегот кон планинските села во Струмица

Со камион „џемс“ стар половина век се исчисти снегот кон планинските села во Струмица

Струмица, 2 февруари 2022 (МИА) - Со камион „џемс“, стар половина век, денеска е исчистен од снег локалниот пат до селата Попчево и Рич кој поминува покрај браната „Водоча“. Овој камион е во состав на возниот парк на ТППЕ Струмица и во зимски услови со поставување на нож за чистење на снег постојано е во употреба .

Возачот на камионот, Јордан Костов - Манго информираше дека претпладнево е исчистен снегот до планинските села Попчево и Рич, но и до локалитетот Цареви Кули.

-Чекавме да престане да врне и по наредба на моите претпоставени се упатив кон овие села и коловозот сега е исчистен од снегот и е оспособен за сообраќај. Јас сум секогаш подготвен за работа и повеќе години стариот „џемс“ успешно си ја врши работата, рече Костов.

Неговиот ангажман го поздрави и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Нашиот неуморен Јоцо Манго. Посветен на работата таму каде што никој не оди, ќе дојде Манго. Благодарам Јоцо за посветеноста и храброста, напиша Костадинов на својот фејсбук профил.

Инаку, во 2015 година на стариот и оставен на забот на времето американски воен камион „џемс„ струмичките пожарникари со инвестиција од само 30 илјади денари и еден месец самопрегорна работа успееја да му дадат нов живот и оттогаш камионот е дел од возниот парк.

Официјално сегашниот пожарникарски „џемс“ е произведен во 1975, според информациите наведени во сообраќајната дозвола. Но, пожарникарите велат дека е многу порано произведен. Според нивните сознанија платформата на овој камион Американците почнале да ја развиваат веќе во 1935 година, за да почнат со сериско производство во 1941 година.рт/свс/

Тагови

Остани поврзан