Со доделување награди од конкурсот „Силата на една жена“ во Делчево заокружени активностите по повод Розовиот месец
- Со доделување на наградите од ученичкиот конкурс „Силата на една жена“, во Делчево беа заокружени активностите по повод Розовиот месец – октомври, посветен на подигање на свеста за борбата против карциномот на дојка. Настанот беше во организација на ЈЛБ „Илинден“ и Ученичката заедница при СОУ „М.М.Брицо“, со поддршка од ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ и Општина Делчево.
Делчево, 11 ноември 2025 (МИА) - Со доделување на наградите од ученичкиот конкурс „Силата на една жена“, во Делчево беа заокружени активностите по повод Розовиот месец – октомври, посветен на подигање на свеста за борбата против карциномот на дојка. Настанот беше во организација на ЈЛБ „Илинден“ и Ученичката заедница при СОУ „М.М.Брицо“, со поддршка од ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ и Општина Делчево.
На трибината присуствуваа жени кои ја водат или ја победиле битката со болеста, претставници од граѓанскиот сектор, како и ученици и наставници од училиштето.
Градоначалникот Иван Гоцевски, кој учествуваше на настанот, ја истакна важноста на превентивните прегледи и најави активности на општината во насока на унапредување на здравствената едукација.
-Како локална самоуправа ќе продолжиме посветено да работиме на темата здравствена едукација, и за жените и за мажите. Во Годишната програма за еднакви можности ќе се предвидат конкретни активности, а на наредната седница на Советот ќе се формира и Комисија за еднакви можности“, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека ќе се поттикне и отворање центар за психолошка поддршка на жените кои се соочуваат со болеста.
Од стручен аспект, на темата говореа доктор Билјана Ѓеоргиевска – психијатар и доктор Адријана Илиевска – Велковски, рендгенолог, а свое искуство споделија и неколку жени кои поминале низ процесот на лекување.
Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска, нагласи дека целта на настанот е да се оддаде признание на сите жени кои се соочиле со оваа болест.
-Вие сте нашата инспирација и порака дека животот вреди да се живее, дека љубовта лекува, а верата чуда создава. Вашата приказна е приказна за победа и човечност“, истакна Петровска.
Комисијата за избор по конкурсот ги награди следните ученичките Сара Ангелова како пронаградена, второто место и припадна на Сара Тодоровска, а третото на Ана Мавродиева. вс/
Фото: МИА