• понеделник, 23 декември 2024

Со договор за идна соработка заврши поетскиот фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“ во Охрид

Со договор за идна соработка заврши поетскиот фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“ во Охрид

Охрид, 24 април 2023 (МИА) - Со поетско читање, доделување благодарници и договор за идна соработка заврши Светскиот патувачки поетски фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“, што се одржуваше во Охрид.

Поети од Романија, Унгарија, Словачка, Босна и Херцеговина, Бугарија,  Косово и Северна Македонија учествуваа на манифестациајта организирана од Националната установа Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и престижната Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија.

Во рамки на фестивалот првиот ден се одржа мал научен симпозиум, на кој присутните говореа за ликот и делото на двајцата поети од 19 век кои ги споија македонската и романската култура – нашиот Григор Прличев и Михаи Еминеску кој во Романија, како Прличев кај нас, е прогласен за национален поет.

Воведничари во темата беа академик Јон Деаконеску,  претседател на Академијата „Михаи Еминеску“ и м-р Милчо Јованоски, директор на охридската библиотека, а свои обраќања во врска со темата и учеството на Светскиот патувачки поетски фестивал имаа поетите Градимир Гојер, Бојко Ламбовски, Јетон Келеменди, Константин Барбу, Зоран Анчевски и Иван Антоновски. По завршувањето на настанот поетите – гости имаа куса средба со други охридски автори и вработени во Библиотеката.

Поезија се читаше и во кафе-барот „Аквариус“, место што над 30 години е мека на луѓето од културата, а во него читале и беседеле и познатите македонски писатели и поети: Видое Видически, Матеја Матевски, Петре Бакевски, Георги Старделов, и ред други учесници на Струшките вечери на поезијата.

Петокот беше резервиран за посета на Музејот на вода  кај Градиште и манастирскиот комплекс Свети Наум.

Со кафе и манастирска ракија подарок од Отец Нектариј поетите опиени од сината езерска шир и спокојот близу манастирот во Свети Наум одржаа ново поетско читање.

Светскиот патувачки поетски фестивал беше заокружен со уште едно читање во конаците на манастирот „Св Спас“ во селото Лакочереј и дегустација на етно-храна.

Организаторот на манифестацијта на сите учесници им подари статуетки со ликот на Прличев, книги од македонски поети на англиски јазик и ред други подароци во знак на сеќавање на средбата.

Договорено е соработката помеѓу Библиотеката и Академијата да продолжи и да се продлабочи  а наскоро е можно заеднички да биде издаден еден вид алманах со песни, биографии на учесниците и фотографии од охридската поетска дружба на македонски и англиски јазик.

Претседателот на академијата од Крајова, академик Јон Деаконеску го одликува академик Миле Д. Миќуновиќ со титулата Почесен член на Академијата во Крајова, министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадновска – Стојчевска и м-р Милчо Јованоски, првиот човек на охридската библиотека со медали „Михаи Еминеску“, а беа прогласени и за Амбасадори на културата од страна на истоимената Европска фондација и Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија. аб/цр

Фото: НУ Библиотека Охрид

 

Остани поврзан