• петок, 22 ноември 2024

Со грант од ЕУ ќе се формира Национален центар за побезбеден интернет - MkSafeNet, во фокус безбедноста на младите

Со грант од ЕУ ќе се формира Национален центар за побезбеден интернет - MkSafeNet, во фокус безбедноста на младите

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - Грант договор со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет - MkSafeNet, потпиша денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во ЕУ инфо House, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и партнерите на проектот.

Министерот Андоновски истакна дека со отпочнувањето на проектот се одбележува нашиот решителен чекор кон создавање побезбеден дигитален простор за сите граѓани на државата, а особено за најмладите.

-Во ерата на рапидна дигитализација, безбедноста на интернет не е луксуз, туку неопходност. Овој проект не е изолиран чекор, туку е дел од пошироката стратегија на Владата за дигитална трансформација на Македонија. Заедно со сеопфатните политички и стратешки документи и регулатива, центарот е камен во мозаикот на нашите заложби за реформи во процесот на вистинска дигитализација,  евроинтеграции и претставува конкретен пример за тоа како соработката со ЕУ носи директни придобивки за нашите граѓани, додаде министерот Андоновски.

MkSafeNet ќе се реализира во текот на наредните 18 месеци и ќе вклучува студија со акциски план за конкретни обврски на секој од засегнатите чинители, формирање на Центар за подигнување на свесноста од заканите на интернет, телефон за помош (Helpline), Младински панел и Советодавен одбор. Проектот е целосно усогласен со EU Digital Services Act и стратегијата Better Internet for Kids (BIK+), што дополнително ја приближува земјата кон европските стандарди во дигиталната сфера.

-Визијата на Владата е да создадеме дигитално општество каде што секој граѓанин, без разлика на возраста, потеклото или способностите, ќе може безбедно и ефективно да ги користи придобивките на современите технологии. Тоа е инвестиција во нашата дигитална иднина, клучно за нашиот економски развој и за создавање на квалификувана работна сила за дигиталната ера, рече Андоновски говорејќи за значењето на проектот MkSafeNet.

Дел од средствата за проектот во висина од од 673,354 евра се обезбедени од Програмата Дигитална Европа, која предвидува вкупни  7,5 милијарди евра на ниво на целата Европска унија, а останатиот дел го кофинансира Владата во износ од 10,788,800 денари за 2025 и 2026 година.

На новинарско прашање колку во проектот ќе биде опфатена и борбата со дезинформациите со оглед дека интернетот е едно од местата каде тие се пласираат, министерот Андоновски истакна дека тоа ќе биде една од активностите на проектот, и оти со студијата на изводливост која е првиот елемент од проектот точно ќе се знаат активностите и чинителите кои ќе бидат задолжени и за оваа значајна тема.

-Повеќе елемнти има проектот, еден од нив е линија за поддршка на која што младите ќе можат да комуницираат при евентуално потенцијална недолична содржина на интернет или некој случај на сајбер малтретирање. Истовремено, тој центар за поддршка ќе оди во училиштата, ќе соработува со здруженија на граѓани и со младите на работилници на кои ќе им презентира на младите како да се заштитат, односно ќе ја има превентивната улога. И на работилници ќе ги учи младите што е она што е полезно на интернет, а што и како треба да се избегнуваат информациите кои што тие не би сакалае да ги гледаат. Не станува збор за цензура, за забранување на определени страници од наша страна, туку овој проект повеќе работи на механизми за превенција и на учење на младите и на засегнатите страни - психолози улчилишта, институции, универзитети кои би требало да пружаат поддршка на младите уште во процесот пред да се соочат со сајбер малтретирање, рече Андовски.

Тој оцени дека загрижува тоа што немаме доволно податоци за тоа каква е состојбата со младите на интернет.

-Информациите единствено доаѓаат од институциите каде што еден млад човек ќе пријави дека имал одредена закана или некој кривично - правен настан и тоа се случува со пријавување во МВР. Освен тие информации од МВР, ние немаме точен податок со колку насилство на интернет или сајбер малтретирање се соочуваат младите. Така што еден елемент од овој проект ќе биде и тоа да диознаеме каква е состопјбата споредено со другите држави, вели Андоновски.

Тој додаде дека родителите ќе бидат вклучени во проектот преку училиштата каде децата поминуваат голем дел од своето време. За нивната обука предвидени се онлајн модули преку кои тие ќе се запознаат за тоа како да реагираат во случај на сајбер малтретирање на нивните деца. За одржливоста на проектот, нагласи дека како Влада максимално ќе се посветат да протолжи и понатаму доколку ги даде очекуваните резултати. вг/нд/

Фото: Министерство за дигитална трансформација

 

 

 

Остани поврзан