• среда, 08 јануари 2025

Со бадникова поворка и прослава на плоштадот одбележан Бадник во Крива Паланка

Со бадникова поворка и прослава на плоштадот одбележан Бадник во Крива Паланка

Крива Паланка, 6 јануари 2025 (МИА) - Коледарчињата од „Бадниковата поворка" со песната „Вечниот Бог" во Крива Паланка ја најавија радосната вест за раѓањето на синот Божји и ја навестија празничната атмосфера што завладеа низ градот на овој голем празничен ден Бадник.

Поворката што годинава броеше околу седумстотини дечиња тргна од плоштадот „Карпошово востание" пред општината, се движеше низ централната градска улица, сѐ до плоштадот каде што на сите дечиња им беа поделени божиќни колачиња кои за оваа пригода ги подготвија учениците од Средното општинско училиште „Ѓорче Петров"-Крива Паланка, под менторство на професорите од гимназијата, во соработка со СУДЕКУ тим врсници-родители, по традиционален рецепт од возрасните.

Во прекрасна празнична атмосфера, на преполниот плоштад, продолжи заедничката прослава во духот на христијанската традиција, во организација на локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, во соработка со НУ Центар за култура Крива Паланка, ЛУ Градски музеј, училиштата од градот, заедно со МПЦ, Кумановско Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво.

Сплотени, на големиот бадникарски ден, со хармонија и љубов, жителите на градот си посакаа желби за добро здравје и благосостојба во секој дом.

Свештениците од КОЕ ги благословија подготвените лепчиња од страна на годинешната кума Милевка Николиќ, по што се делеа на граѓаните, а меѓу пријавените годинава најсреќна беше Весна Илиева.

Од страна на учениците од СОУ „Ѓорче Петров" како и секоја година беше подготвена посна трпеза и специјалитети кои се продаваа по симболична сума, а средствата ќе бидат наменети за учениците од гимназијата, матуранти во социјален ризик.

Присутните ги поздрави и им посака среќни празници, радост и топлина во срцата, претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, која на сите граѓани им посака честит Бадник и среќни Божиќни празници. За сите граѓани од општината беа подготвени топли пијалаци.ид/фф/

Фото: Општина Крива Паланка 

 

 

Остани поврзан