• вторник, 20 февруари 2024

Сочувство од Бигорската обител за смртта на Панче и Вања

Сочувство од Бигорската обител за смртта на Панче и Вања

Дебар, 5 декември 2023 (МИА) -  Бигорската  Обител, со својот Старец, Епископ Антаниски г. Партениј, го изразува своето најдлабоко сочувство до блиските на убиените Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, утешувајќи ги дека во овие трагични и тешки моменти молитвите и срцата на монашкото братство се со нив.

- Усрдно се молиме за покој на душите на настраданите, стоејќи со цврста вера дека милостивиот Христос Бог ќе ги прими во Своите рајски обители, крај тивките води на вечниот покој, стои во пораката на сочувство.

Се додава дека со „нескриена горчина и изразена трогнатост" изјавуват дека длабоко се потресени од подлиот и грозоморен акт на ова двојно убиство. 

- Разочарани сме што и покрај нашите постојани укажувања дека во јавниот дискурс не смее да им се дава простор на разни социопати, докажани и непоправливи криминалци, манипулатори, политиканти, луѓе со болен ум и речник, коишто шират само омраза, клевети, исмевања, навреди, закани, за жал, сè уште остануваме општество кое не ги санкционира и отфрла таквите личности. Последното случување е резултат токму на оваа општествена несовесност, наведува Бигорската обител.

Овој настан, стои понатаму,  ги извади на површина последиците на сета таа злоба на којашто во нашето општество преќутно ѝ се дозволени присуство и простор, најмногу во средствата за јавно информирање и на социјалните мрежи, но и воопшто во системот. А да не говориме за невидливата штета, што не е можно да се измери.

Се апелира дека е „неопходна повисока општествена свест, за да не дозволуваме во иднина во нашиот јавен простор да преовладуваат личности што знаат да сеат само омраза, агресија, морбидни пораки, неморал и страв", оти, кога "човек постојано ќе го консумира лошото и самиот станува лош". 

- Да Го молиме Бога, за доброто и мирот да преовладаат најпрво во нашите срца, лично кај секого, па оттаму да се излеат и во околината што нè опкружува. Зашто не е можно да дадеме придонес за доброто во светот, ако најнапред не го вселиме доброто во сопственото срце. Мили во Христа, Вања и Панче, царство ви небесно и добар ви рај, се наведува во пораката со изрази на сочувство на Бигорската Обител. вт/ац/ 

Остани поврзан