• недела, 22 декември 2024

Сопственикот на „ДоказМ“ не се чувствува виновен, неговиот бранител очекува ослободителна пресуда

Сопственикот на „ДоказМ“ не се чувствува виновен, неговиот бранител очекува ослободителна пресуда

Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Нашите очекување се дека на крај ќе успееме да добиеме ослободителна пресуда, бидејќи ова обвинение значи враќање на вербален деликт на мала врата, изјави адвокатот Коста Најков, бранител на обвинетиот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“.

Во изјава за медиуми по денешната расправа, Најков рече дека без оглед на она што го пишувал Стаменковски и дали тоа некому му се допаѓа или не, како што рече „тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или нема извршување на кривична одговорност, а ние сметаме дека такво нема“.

Адвокатот информираше дека обвинетиот се изјаснил за невин и кажа дека денешната расправа продолжила со доказната постапка, испитување на оштетените.

- Тоа значи дека обвинетиот не призна вина и смета дека не е виновен за ова, дека се работи за вербален деликт, а не и за кривично дело. Се надеваме дека во текот на постапката тоа и ќе го докажеме, рече адвокатот.

Во врска со наредната расправа тој кажа дека ќе продолжи со изведување на докази, а за предметот, продолжение на овој предмет, што го води обвинителството, адвокатот одговори дека нема никакви информации.

Судењето против сопственикот на порталот „ДоказМ”, Марјан Стаменковски, кој се товари дека преку порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела продолжи денеска во Основниот кривичен суд - Скопје, откако изминатото, прво насрочено рочиште се одложи, бидејќи одбраната на обвинетиот побара изземање на сите обвинители од скопското Обвинителство поради можноста да се јават како оштетени во постапката. Вишото јавно обвинителство го одби ова барање.

На изминатото рочиште, јавната обвинителка, Зорица Павловиќ, исто така, му предложи на Судот јавноста да биде исклучена од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“. Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.

По одложувањето на расправата, оштетените Ирена Мулачка и Валентина Вурмо во изјава за медиуми рекоа дека очекуваат дека правдата ќе биде задоволена. Помеѓу другите оштетени присутни беа и Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“. 

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. 

Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението јавната обвинителка Зорица Павловиќ. Судењето продолжува на 14 март. ар/сп/

Остани поврзан