• понеделник, 23 декември 2024

Соопштение од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“

Соопштение од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“

28 декември 2023

Почитувани новинари, почитувани граѓанки и граѓани,

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ спроведувајќи ја својата определба за
широка партиципативност, и во согласност на предизборните ветувања, отвора
можност повеќе членови да ги вложат своите ресурси во остварување на нашите
определби и вредности. Половина од мандатот го гледаме како добро време за
ротација на советничките места за да ја оствариме таа заложба. Отвораме простор
наши други членови да ги вложат своите ресурси негувајќи ги во континуитет
вредностите како заедништво, транспарентност и интегритет.

За таа цел, нашата советничка и Дивна Пенчиќ поднесе оставка од советничкото
место.

Веруваме дека овој чекор е од суштинско значење за зголемување на искуството на
повеќе граѓанските активисти во процесите на локалната самоуправа. Со
вклучувањето на нови личности, Општина Центар и Советот ќе се збогатат со нови
знаења и перспективи, додека граѓанските активисти од „Шанса за Центар" ќе
придонесат со нови значајни искуства и капацитети.

Со ваквата постапка испраќаме недвосмислена порака до нашата јавност и граѓаните
на општина Центар, дека нашите мотиви никогаш не биле лични, ниту себични, туку
диктирани од потребата да се бориме за интересот на заедницата. Заедницата бара
заедништво и ние, на овој пример, покажавме дека можеме тоа да го градиме,
искрено и посветено.

Сметаме дека вклучувањето на нови членови од „Шанса за Центар“ ќе овозможи
поголема динамика и свежина во работата на Советот, што ќе придонесе кон развој
и напредок на општината.

Благодарни сме за сиот досегашен ангажман на советничката која постојано,
принципиелно и безрезервно се залага за општината, а нејзиниот придонес беше во
најдобар интерес на граѓаните на Центар.

Во оваа прилика, советничката Дивна Пенчиќ изјави: „Моите ангажмани во „Шанса
за Центар“ продолжуваат и останувам посветена на идеите во кои верувам:
зајакнување на демократијата со заедничко делување на граѓаните, активизам и
учество во донесување одлуки преку консултативни и инклузивни процеси, дијалог
и отвореност. Искуството од институционалното делување ми помага во градење
мостови на соработка, со цел надминување на јазот помеѓу локалните власти и
граѓаните и граѓанските организации, професионалните здруженија, академската
јавност, младите и пронаоѓање заеднички основи за решавање на предизвиците на
граѓаните и достоинството на сите нас во општините во кои живееме. Благодарам
за довербата и можноста да служам, и се надевам дека моите напори имаат
придонесено кон подобрување на животот во нашата заедница.“

Граѓанска иницијатива Шанса за Центар

________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан