• петок, 05 декември 2025

Сообраќајки, хронични болести и вируси најчести причини за интервенции на Итната помош во Куманово

Сообраќајки, хронични болести и вируси најчести причини за интервенции на Итната помош во Куманово

Куманово, 5 август 2025 (МИА) - Во летниот период се бележи зголемен број на интервенции од страна на екипите на Итната медицинска помош во Куманово, при што најчести случаи се поврзани со сообраќајни несреќи, хронични заболувања и последици од високите температури.

Според д-р Владимир Владевски, лекар во Итната медицинска помош, летото носи значителен пораст на повици, особено во попладневните и вечерните часови кога голем дел од граѓаните се враќаат од одмор. Како што вели, бројот на интервенции во овој период е зголемен за околу 50 отсто во споредба со зимските месеци.

– Најчесто интервентираме поради сообраќајки. Повредените се управувачи на моторни возила, мотоциклисти, велосипедисти и сè почесто – лица кои управуваат електрични тротинети. Карактеристични се повредите на горни и долни екстремитети, главата и вратот, вели д-р Владевски.

Тој нагласува дека непочитувањето на сообраќајните правила, особено неносењето заштитна опрема, е чест фактор кој доведува до повреди.

Иако времето на пристигнување на терен зависи од состојбата на сообраќајот, д-р Владевски појаснува дека просечно екипите стигнуваат за околу седум минути. Во итни случаи, како сообраќајни несреќи со повреди, првата помош се дава на лице место, а потоа пациентите се транспортираат до најблиската здравствена установа.

– Се трудиме максимално да реагираме брзо и ефикасно. Приоритет имаат итните случаи, додека пациентите со полесни симптоми понекогаш мораат кратко да почекаат, објаснува тој.

Покрај повредите, д-р Владевски истакнува дека во овој период чести се и интервенциите кај пациенти со влошени хронични заболувања, како и случаи поврзани со стомачни вируси, проливи, повраќање и главоболки. Високите температури и долготрајното изложување на сонце ја влошуваат здравствената состојба кај хронично болните, особено кај пациентите со кардиоваскуларни заболувања.

– Важно е граѓаните да внесуваат доволно течности, да се заштитат од директно сонце и да внимаваат на симптомите, посебно кога патуваат или се враќаат од подолги одмори, советува Владевски.

Иако сè уште не се потврдени лабораториски случаи, тој додава дека е зголемен бројот на лица со симптоми на алергии и настинки, за кои постои сомнеж дека можат да бидат предизвикани и од вируси или консумација на сокови и други намирници на високи температури.

Д-р Владевски порачува граѓаните да бидат внимателни, одговорни и да не ја потценуваат важноста на превенцијата, особено во текот на летото кога здравствените ризици се значително зголемени. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан