• понеделник, 23 декември 2024

Соколовски за МИА: Една од најтешките индустрии е модната, потребни се децении за издигнување на општата уметничка народна свест

Соколовски за МИА: Една од најтешките индустрии е модната, потребни се децении за издигнување на општата уметничка народна свест

Скопје, 9 април 2023 (МИА) – Една од најтешките индустрии е токму модната индустрија, која бара да имаш добра позадина, многу препораки, вештини, трпение и огромна упорност. Од друга страна, лесно е бидејќи кај нас нема многу голема сцена за да биде невозможно да се истакнеш, но тешко е да се развие долгогодишна кариера, вели модниот фотограф Стефан Соколовски за МИА.

Соколовски со модно фотографирање се занимава од 15 години, а професионално своите вештини почна да ги усовршува преку самостојни изложби во земјава, Србија, Хрватска, Германија и Бугарија. Во меѓувреме, работи и на проекти во Европа и Америка, каде што е дел од интернационални модни кампањи и едиторијали на насловните страни на европските магазини.

Инаку, Соколовски е дипломиран филмски уметник на Филмската академија ЕУРОПА ПРИМА. Сепак, според него, вештината и искуството во ова поле секогаш се едно скалило пред формалното образование.

Како што потенцира, историјата на уметноста и историјата на филмот е нешто што е круцијално, како и познавањето на процесот и начинот на работа со аналогна фотографија.

-Сметам дека формалното образование е важно, но во никој случај не е пресудно. Формалното образование е само дел од целиот процес кој е потребен за да успееш во ова поле, но доколку некој покажува натпросечни способности и таленти, дури можеби не е ни потребно. Навистина е индивидуално. Историјата на уметноста и историјата на филмот е нешто што е круцијално, како и познавањето на процесот и начинот на работа со аналогна фотографија и цело тоа знаење мора да го поседува секој високо рангиран фотограф. Но, постојат и ситуации каде и аматери без ваква позадина знаат да покажат добри резултати, додава Соколовски.

На прашањето кои вештини најмногу се бараат за оваа индустрија, Соколовски посочува дека многу е важна умешноста да си добар психолог, да знаеш како да разговараш со луѓето, да ги водиш низ целиот процес на фотографирањето, да ја процениш нивната енергија и да бидеш способен да соработуваш со различни карактери на луѓе.

-Оној кој сака да успее во оваа индустрија неопходно е да знае да ги „насочува“ моделите низ целиот процес на фотографирањето, да има отворен ум, да е подготвен за пофалби, но и за критики, да поседува огромна самодоверба во текот на работата, да знае да остави свој личен печат и стил, додава Соколовски.

Исто така, потенцира, не помалку важно е и трпението, како и способноста за адаптација на терен каде се одвива фотографирањето, но и адаптација со членовите од тимот со кои соработува, како и флексибилност на промени на распоредот.

- Клучен елемент, според мене, е во тоа да знаеш како да се презентираш во јавноста, да поседуваш умешност да се одвоиш од останатите, а можеш да се издвоиш најмногу со професионалност во работата и со креативност, вели Соколовски.

Сепак, модната фотографија, како еден вид уметничка форма на фотографирање, несомнено не е изоставена од постојаните технолошки промени во општеството.

Соколовски е на ставот дека во модното фотографирање постои одреден дел кој е променлив, односно самите трендови кои се истакнуваат, менуваат и трансформираат со текот на годините.

Секој голем уметник може да креира нешто што е безвременско, нешто што и по неколку децении ќе изгледа како да е направено денес, но како што вели тој, новите иновации се добредојдени за самиот квалитет на производот.

екој голем уметник може да креира нешто што е безвременско, нешто што и по неколку децении ќе изледа како да е направено денес. За ова прашање ќе се надоврзам на древната латинска поговорка Ars longa, vita brevis“. Но, од другата механичка страна, секако со напредокот на технологијата се добиваат и подобри и посовремени услови за работа, со што во секој случај секогаш се добредојдени иновации во квалитет и брзината на технологијата и индустријата, потенцира Соколовски за МИА.

Во однос на кариерниот развој на ова поле, тој нагласува дека ние сме мала држава со многу мал пазар и мала модна и celebrity сцена, со што самите тие работи влечат кон тоа да е тешко да се развие долгогодишна кариера.

Како дел од предизвиците кои ги истакнува е отежнатиот пристап до парчиња од високо модни брендови и недоволен број на професионални соработници - стилисти во оваа сфера.

Модната фотографија несомнено претставува единствена и уникатна уметничка форма на фотографирање. Но, за жал, ова признание ретко го добива на нашите простори.

Соколовски е на ставот дека генерално, младите ја почитуваат модната фотографија како уметност, но како што вели, потребни се уште неколку децении за да се издигне општата уметничка народна свест.

-Тие што знаат да ја вреднуваат и почитуваат уметноста како таква, секако дека и модната фотографија ја ставаат во ист ранг. Тоа прашање е многу дискутабилно и зависи која таргет група на млади кои ќе се земе како пример. Публика која има соработници од таа сфера и област секако дека ја почитуваат како уметност, но генерално на национално ниво мислам дека се потребни уште неколку децении за да се издигне општата уметничката народна свест, додава тој.

Сите млади кои имаат пасија кон оваа индустрија, Соколовски ги советува да ги следат сопствените амбиции, идеи и концепти.

-Совет број еден е да ги следат своите идеи. Да можат да се потпрат само на себе и секогаш цврсто да стојат зад своите идеали. Да вложуваат многу во својата кариера, упорно и неуморно да работат на себе и успехот е тука. Исто така, да имат огромно трпение да дозволат резултатите да дојдат сами по себе и многу внимателно да селектираат кој ќе биде нивна инспирација и со кои луѓе ќе соработуваат, објаснува Соколовски.

Бисера Трајковска

Видео: Андреј Бранковиќ

Фотографии: Стефан Соколовски

 

 

Остани поврзан