• недела, 22 декември 2024

Советот на ЈО ќе одржи седница за именување на Абази за шеф на ОЈО ГОКК

Советот на ЈО ќе одржи седница за именување на Абази за шеф на ОЈО ГОКК
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) – Советот на јавни обвинители денеска ќе ја одржи седумдесеттата седница на чиј дневен ред е донесување одлука за именување на Ислам Абази за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје. На дневен ред на 70-тата седница, исто така, е и носење одлука за објавување на оглас за избор на четири јавни обвинители во ОЈО ГОКК, откако на 27 октомври Советот не избра ниту еден од шестмината пријавени кандидати на претходниот оглас. Советот, според најавениот дневен ред, ќе треба да донесе и одлука за избор на Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје и во Гостивар, како и одлука за избор на по еден основен јавен обвинител во ОЈО Битола, ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кавадарци и ОЈО Куманово. На изборите за шеф на ОЈО ГОКК на 7 ноември најмногу гласови доби Ислам Абази – 66, втор од четворицата пријавени кандидати по број на добиени гласови беше Ермон Незири со 64 гласови, а Вилма  Русковска доби 14 и Деса Пауновска десет гласа. Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите 160 јавни обвинители во земјава. Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор. Абази, на прес конференција за медиумите еден ден по изборите, рече дека работата во ова јавно обвинителство ја гледа како предизвик и смета дека со своето досегашно искуство и професионално и законито работење ќе го претставува ОЈО ГОКК. Како свој приоритет, Абази најави пополнување на празните обвинителски места и на слободните места во истражниот центар и да се воведе дигитализација во јавното обвинителство. Освоените 66 гласа од колегите јавни обвинители, Абази рече дека се голема одговорност и мотив, колку што може подобро и професионално да раководи со ова, како што рече, најважно јавно обвинителство кое во својата надлежност ја има борбата против организираниот криминал и корупција. аа/лв/

Остани поврзан