Советот на општина Валандово изгласа набавка на нов камион за отпад
- Општина Валандово ќе го обнови возниот парк на комуналното претпријатие со ново возило. На последната седница на Советот на општината се изгласа Одлука за подобрување на комуналните услуги во југоисточен плански регион преку набавка на комунално возило за општина Валандово.
Валандово, 13 март 2026 (МИА) - Општина Валандово ќе го обнови возниот парк на комуналното претпријатие со ново возило.
На последната седница на Советот на општината се изгласа Одлука за подобрување на комуналните услуги во југоисточен плански регион преку набавка на комунално возило за општина Валандово.
Според градоначалникот Ѓоко Камчев, станува збор за корисен проект за општината кој ќе се реализира во соработка со Центарот за развој на Југоисточен плански регион.
- Повеќе од 15 години не е обновен возниот парк на јавното комунално претпријатие со возила за собирање смет. Овој камион за собирање смет со капацитет од девет метри кубни отпад ќе ги покрие двете камиончиња кои ЈП моментално ги има на располагање - рече Камчев.
Согласно одлуката, проценетата вредност на камионот за собирање комунален отпад е 4 950 000 денари, од кои општината треба да даде 272 500 денари, а останатите треба да ги покрие Центарот за Југоисточен плански регион.
На истата седница советниците усвоија одлука да се даде под закуп поранешниот Дом на култура во населеното место Удово.
- Се појави заинтересирана компанија која се согласува да го реконструира објектот, а ние како општина веќе спроведовме постапка за проценка на вредноста на објектот, за да може да биде јавно објавен за закуп, и да се јават и други заинтересирани. Станува збор за компанија која е заинтересирана да врши откуп на овошје од пониска класа, кое потоа може се користи во индустријата, конкретно за производство на сок во фабрика во Демир Хисар. Се надевам дека ќе биде од корист не само тоа што ќе го реконструираат објектот, туку и за нашите земјоделци кои ќе може да го пласираат отпадот од своите овошни насади, објасни градоначалникот на Валандово.
Со одлуката се предвидува објектот да се даде под закуп во времетраење од пет години. рш/сст/