Советот на ЕУ доби мандат за преговори со ЕП за Регулативата за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан
- Предложениот Механизам е централниот инструмент на новиот План на Европската комисија за раст за Западен Балкан, чија цел е поддршка процесот на проширување на Унијата и забрзување на економското поврзување на земјите од регионот со ЕУ.
Брисел, 6 март 2024 (МИА) - Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска донесе одлука да му одобри мандат на Европскиот совет за преговори со Европарламентот за Регулативата за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан.
Предложениот Механизам е централниот инструмент на новиот План на Европската комисија за раст за Западен Балкан, чија цел е поддршка процесот на проширување на Унијата и забрзување на економското поврзување на земјите од регионот со ЕУ.
Како што соопшти Советот на ЕУ, Механизмот има за цел да обезбеди финансиска поддршка за партнерите на Унијата од Западниот Балкан за периодот од 2024 до 2027 година во вкупен износ од шест милијарди евра, од кои две милијарди во форма на грантови и четири милијарди евра како позајмици.
Исплатата на финансиската поддршка ќе зависи од остварувањето напредок во реализацијата на реформите утврдени во договорената реформска агенда на секоја од земјите од регионот.
Преговорите на Советот на ЕУ со Европскиот парламент ќе се водат за ревидираната верзија на Регулативата за создавање на Механизмот. Измените во однос на првичниот предлог на Европската комисија се однесуваат на допрецизирање на специфичните цели на Механизмот и на условите за исплата на поддршката.
Една од клучните измени се однесува на зајакнување на улогата на Советот на ЕУ во управувањето со Механизмот, особено при усвојувањето и дополнувањето на реформските агенди на земјите од Западниот Балкан и на следењето и оценката во исполнувањето на поставените услови за исплата на поддршката.
Измени, исто така, има и во делот во кој се става посилен фокус на усогласувањето на земјите од регионот со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Со денешната одлука на Корепер, белгиското претседателство со Советот на ЕУ ќе може да ги започне преговорите со Европскиот парламент за конечната верзија на Регулативата за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан.
Европската комисија го претстави новиот План за раст за Западниот Балкан на 8 ноември минатата година. Тој се базира на четири столба насочени кон зајакнување на економската интеграција на земјите од Западниот Балкан со единствениот европски пазар, зацврстување на економската интеграција меѓу државите во регионот преку заеднички регионален пазар, забрзување на основните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформските процеси преку Механизмот за реформи и раст.
Со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година, за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан беа одвоени две милијарди евра дополнителни средства. сп/
Фото: МИА Архива