Советот за превенција на Дебар и МЦМС одржаа работилница за спречување негативни појави
- Во просториите на општина Дебар се одржа работилница на тема: „Насилниот екстремизам и потребата од сеопфатен пристап кон негово спречување на локално ниво“.
Дебар, 5 јуни 2025 (МИА) - Во просториите на општина Дебар се одржа работилница на тема:
„Насилниот екстремизам и потребата од сеопфатен пристап кон негово спречување на локално ниво“.
Оваа активност беше организирана во соработка на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Советот за превенција на општина Дебар.
На работилницата присуствуваа претставници на локалните институции, полицијата, образованието, граѓанското општество и медиумите, кои споделија идеи и искуства за потребата од координиран пристап кон спречување на насилниот екстремизам.
-Всушност, ова е дел од спроведувањето на Меморандумот за соработка, претходно потпишан помеѓу општина Дебар и МЦМС, кој има цел зајакнување на заедничките напори за градење безбедна, одржлива и инклузивна средина на локално ниво, рече градоначалникот Хекуран Дука, кој раководи со Советот за превенција.
Додаде дека ова се конкретни чекори за градење отпор на заедницата кон секаков облик на радикализам, како и зајакнување на соживотот и безбедноста во Дебар.
Координаторката на проектот на МЦМС, Гонце Јаковлевска, нагласи дека проектот е многу значаен и дека моментно ситуација бара добро структурирани превентивни акции.
Златко Апостоловски, поранешен национален координатор за превенција од насилен екстремизам и борба против тероризмот, изјави дека глобалната ситуација, вклучително и регионот на Западен Балкан, во кој спаѓа и нашата земја, бара преземање превентивни мерки и на локално ниво.
-Локалните самоуправи, преку Локалниот совет за превенција, треба да преземаат континуирани превентивни активности за сите негативни појави. Екстремизмот и тероризмот се закани кои бараат трајна посветеност и ефикасна превенција преку координирани акции, нагласи тој.
Командирот на дебарската полициска станица Дритан Бакали оцени дека превентивните активности се многу корисни во спречувањето на насилниот екстремизам од која било форма и повика на поголема соработка меѓу институциите и граѓаните.
На крајот од работилницата беше најавено дека, во соработка со Локалниот совет за превенција, ќе бидат организирани и други работилници за справување со разни феномени за кои се неопходни превентивни мерки, со цел создавање помирен живот за населението.
-Со посветеност и меѓуинституционална соработка, градиме побезбедна иднина за нашите граѓани, беше заедничката порака на учесниците на работилницата. вт/хс/
Фото: Општина Дебар