• петок, 05 декември 2025

Советот за безбедност на ОН расправаше за руските дронови во воздушниот простор на НАТО

Советот за безбедност на ОН расправаше за руските дронови во воздушниот простор на НАТО

Њујорк, 22 септември 2025 (МИА) - Советот за безбедност на ОН одржа седница на која беа разгледани заканите за меѓународната безбедност, со фокус на навлегувањето на руски дронови во воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија во последните недели.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ја предупреди Русија дека нејзините постапки на територија на земји членки на НАТО носат ризик од директен воен судир. - Вашите непромислени дејствија можат да доведат до директна вооружена конфронтација меѓу НАТО и Русија, истакна таа, додавајќи дека Алијансата е подготвена да го брани своето воздушно пространство.

Рускиот дипломат Дмитриј Полјански ги обвини европските земји за „параноја“ и за ширење лажни обвинувања без докази дека дроновите се руски.

Постојаниот претставник на САД во ОН, Мајк Волц, предупреди дека Москва или сака намерно да ја ескалира ситуацијата, или нема доволна контрола врз воените сили кои лансираат оружје. - И двете сценарија се подеднакво загрижувачки, рече тој. Волц истакна дека САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО и ја повика Русија да започне преговори со Украина.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара создавање на европска повеќеслојна противвоздушна одбрана и нови санкции против Москва.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека е подготвен да воведе санкции кон Русија доколку Европската Унија престане да купува руска нафта. ссм/

фото: архива

Остани поврзан