Советот за безбедност на ОН од денеска има пет нови непостојани членки
- Грција, Данска, Пакистан, Панама и Сомалија од денеска се нови непостојани членки на Советот за безбедност на ОН со двегодишен мандат.
Њујорк, 1 јануари 2025 (МИА) – Грција, Данска, Пакистан, Панама и Сомалија од денеска се нови непостојани членки на Советот за безбедност на ОН со двегодишен мандат.
Советот за безбедност на ОН има 15 членки, од кои пет се постојани со право на вето – Франција, Велика Британија, САД, Кина и Русија, а 10 се избираат за период од две години, но така што по пет членки се заменуваат на секои година.
Непостојаните членки се избираат на регионална основа.
Во непарните години во Советот за безбедност на ОН влегуваат по една земја од Африка, Азија и Латинска Америка и две од групата западни земји, а во парни години две земји од Африка и по една од Азија, Латинска Америка и Источна Европа. Парна година е почеток на мандатот и за арапска членка.
Од новите непостојани членки, најголемо искуство има Пакистан, кој денеска го почнува својот осми мандат како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, потоа Панама, која по шести пат влегува во Советот за безбедност на ОН, на Данска и е петти пат, на Грција трети, а најмалку искуство има Сомалија која по вторпат влезе меѓу десетте непостојани членки на Советот за безбедност на ОН.
Повеќе од една третина од земјите-членки на ОН никогаш не биле застапени во Советот за безбедност на ОН.
Новите непостојани членки на Советот за безбедност на ОН од денеска им се приклучуваат на Словенија, Алжир, Гвајана, Јужна Кореја и Сиера Леоне, кои од минатата година се непостојани членки на Советот за безбедност на ОН.
Мандатот на претставниците на Еквадор, Јапонија, Малта, Мозамбик и Швајцарија заврши на 31 декември 2024 година. јт/
Фото: МИА архива