• четврток, 04 декември 2025

Собраниска делегација учествуваше на 50-тата јубилејна сесија на Парламентарното собрание на Франкофонијата во Париз

Собраниска делегација учествуваше на 50-тата јубилејна сесија на Парламентарното собрание на Франкофонијата во Париз

Скопје, 14 јули 2025 (МИА) - Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата од 9 до 13 јули учествуваше на 50-тата јубилејна сесија на ова собрание, која се одржа во Париз, Француската Република. Како што информираат од собраниската прес-служба, во состав на делегацијата биле Бети Стаменкоска Трајкоска, шеф на делегацијата и членовите Муса Џафери, Драгана Бојковска и Саранда Имери Стафаи.

На настанот, како што се наведува во соопштението, учествувале делегации од парламентите на земјите членки, асоциијативни членки и набљудувачи на Франкофонијата, како и претседатели на парламенти франкофони од овие земји. На сесијата и претходеле состаноци на Мрежите на жени парламентарни, Млади парламентарци и на парламентарните комисии. Во рамки на дебатата за законодавството во корист на жените, Стаменкоска Трајкоска со свое излагање информирала за напредокот на ова поле во нашата земја, наведувајќи ги Законот за еднакви можности на жените и мажите, воведувањето на квоти на изборните листи и хармонизирањето на законодавството со Истанбулската конвенција, со акцент дека половата еднаквост останува и понатаму голем предизвик за кој се потребни конкретни акции, соодветно финансирање и длабока културна промена во општеството.

Бојковска учествувала во дебатата за влијанието на екраните и социјалните мрежи врз развојот на младите, со укажување дека во нашата земја постои Стратегија за ментално здравје и дека Клубот на млади пратеници работи и на ова прашање. Апелираше за поголема едукација, поставување јасни граници за балансирана употреба на технологијата.

На Комисијата за политички прашања, Стаменкоска Трајкоска зборувала за политичката ситуација во нашата земја, заедно со другите делегации од земјите учеснички. Се осврнала на процесот на евроинтеграции како врвен стратешки приоритет, потенцирајќи дека е особено важно процесот на отворање на преговарачките поглавја да започне што е можно поскоро и земјата да се приклучи кон ЕУ до 2030 година, не само гледано од геополитички аспект, туку и заради спречување на растот на евроскептицизмот кај граѓаните.

Пленарната сесија била посветена на темата за Франкофонијата како сидро во актуелниот свет на кризи, на која свои пригодни обраќања имале претседателката на Националното собрание, Јаел Брон Пиве и Претседателот на Сенатот Жерар Ларше на Француската Република, претседателот на Парламентарното собрание на Франкфонијата, Хиларион Етонг и државниот секретар надлежен за Франкофонијата Тани Мохамед Суалихи. Нивната порака до присутните била дека во свет на поделби и конфликти, во свет кога мултилатерализмот е во криза, Франкофонијата нуди пат на дијалог, регулација и мир, таа е сидро во бурата и мастилото со кое се испишува заедничката иднина. Франкофонијата денес е заедница на земји кои споделуваат заеднички вредности, чии парламенти низ призмата на парламентарната дипломатија заеднички работат на унапредување на областите од значење за нивните граѓани.

За време на дебатата, со дискусија се вклучила и шефот на делегацијата, Бети Стаменкоска Трајкоска, истакнувајќи ја нејзината лична посветеност и посветеноста на Собранието за промоција на францускиот јазик преку проекти, културни настани и поддршка на ученици и наставници - со единствена цел францускиот јазик да остане жив и отворен кон светот и кон младите.

На пленарната, преку резолуции, парламентарците побарале развој на дополнителни алатки за спречување дискриминација и сегрегација во училиштата, вградување одредби во уставите за доброволно прекинување на бременоста, усвојување на законодавство за санкционирање на сексуалното насилство во вооружени конфликти, донесување на закони за заштита на укажувачите, интегрирање на родова перспектива во буџетските процеси и обезбедување правна рамка за еднаквост во однос на платите, пристапот до имот, пазарот на трудот и семејниот живот. Исто така, било апелирано за подигање на свеста за заштита на океаните преку едукација од најрана возраст и борба против загадувањето со пластика и третирање на културните добра од колонизацијата и нивна реституција. Пратениците изразиле солидарност со народот на Хаити, поддржувајќи зајакнување на капацитетите на институциите со цел враќање на уставниот поредок, редовно следење преку специјален известувач на ситуацијата кај Големите африкански езера и формулирање конкретни препораки за мир и стабилност во регионот. Во поглед на дезинформациите, биле поддржани иницијативите за соработка за борба против информативниот хаос и за употреба на вештачката интелигенција од страна на медиумите на одговорен начин. На крајот, се изгласала одлуката за понатамошно продолжување со активностите насочени кон добивање на статус на набљудувач на Парламентарното собрание на Франкофонијата во ОН.

Парламентарното собрание на Франкофонијата (APF), основано во 1967 година, е меѓународна организација која обединува 95 делегации од парламенти и меѓупарламентарни организации од пет континенти. Целите на APF се придонес кон влијанието на францускиот јазик, промоција на демократијата, владеењето на правото и човековите права во франкофонската заедница, осигурување на спроведувањето од страна на извршните власти на целите поставени во декларациите и резолуциите на самитите на Франкофонијата, поттикнување на соработката и солидарноста, подигнување на свеста за меѓународната улога на парламентарците, придонес кон развојот и меѓусебното разбирање на културите и цивилизациите на народите кои вообичаено го користат францускиот јазик, а не се дел од француска култура или цивилизација и поддршка на поголемо изучување на францускиот јазик низ целиот свет.фф/са/

Фото: Собрание

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан