• сабота, 27 јули 2024

Собраниска делегација на Трансaтлантски форум во Вашингтон

Собраниска делегација на Трансaтлантски форум во Вашингтон

7 декември 2023

Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со Националниот одбранбен универзитет на САД, од 4 до 5 декември 2023 година, по дваесет и трети пат, го организираа традиционалниот Трансaтлантски форум во Вашингтон Д.Ц.

На настанот, на кој присуствуваа над 100 парламентарци од земјите членки на НАТО и Шведска и Австрија со асоцијативен статус, учествуваше и Делегација од Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Миле Талевски, в.д. шеф и Антонијо Милошоски, член на Делегацијата.

Настанот кој се одржа согласно правилата Чатам хаус, претставуваше одлична можност за размена на мислења околу клучните надворешно-политички приоритети на САД со високи американски функционери во администрацијата на претседателот Бајден и врвни американски експерти, но и за потврда на силните трансатлантски врски меѓу сојузниците.

Свои воведни видувања даде претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Михал Шчерба, кој повика на продолжување на сојузничката поддршка на Украина и на мобилизирање на ресурси до конечна нејзина победа. Во пресрет на јубилејниот Самит во Вашингтон Д.Ц. следната година, истакна дека е потребно донесување конкретни одлуки за адаптација и трансформација на НАТО, вклучително и со основање на Центар за демократска отпорност во седиштето во Брисел. Посебен панел беше посветен во сеќавање на поранешниот потпретседател на ПС на НАТО и шеф на латвиската делегација, Ојарс Ерикс Калнинс, на кој претседателот и извршен директор на Националниот фонд за демократија, Дејмон Вилсон, нагласи дека градењето на демократска отпорност е споделена вредност за трансатлантската заедница.

Парламентарците, исто така, разменија мислења за понатамошно зајакнување на одбраната и отпорноста како одговор на актуелните случувања, инвестирање од најмалку 2 % од БДП за одбрана, при што беше истакнато дека веќе 19 земји членки ќе го исполнат договореното во текот на 2024 година. Производството на делови, воена опрема и оружје беа посочени како идни предизвици, особено во однос на задоволувањето на потребните количини, како и стандардизацијата при самата изработка за поголемо меѓусебно користење на овие ресурси меѓу земјите членки. Беа разгледувани и можностите и потребните активности што треба да се преземат за економско опоравување и реконструкција во Украина по завршувањето на војната.

На состанокот, стана збор и за ситуацијата во Индопацифистичкиот регион, на Блискиот Исток и во Северна Африка, како и за односите со Кина. За проширувањето на НАТО со идни земји членки, парламентарците ја потврдија определбата за членство на Украина штом условите го дозволат тоа и ги поздравија одлуките на Финска и Шведска да станат дел од Алијансата. Голем дел од нив повикаа на што поскоро заокружување на процесот за прием на Шведска во НАТО. Со свое гостување на оваа тема, на пратениците им се обрати шведскиот министер за одбрана, Пал Џонсон, истакнувајќи ги придобивките за Шведска, но и за земјите членки од зачленувањето на неговата земја во НАТО.

Сектор за односи со јавноста

Собрание на Северна Македонија 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Собрание на Северна Македонија 

 

 

Остани поврзан