• недела, 22 декември 2024

Собраниска делегација во дводневна студиска посета на Стокхолм

Собраниска делегација во дводневна студиска посета на Стокхолм

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) - На вториот ден од студиската посета за демократски развој на шведскиот Риксдаг, делегацијата на Собранието во состав од пратениците Фадил Зендели, претседател и членовите Маја Морачанин, Мартин Костовски, Александар Велјановски, Гордана Силјановска Давкова, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Снежана Калеска Ванчева и Дафина Стојаноска дискутирале како Риксдагот и Собранието го носат буџетот на државите.

Како што иформираат од собраниската прес-служба, на дводневната студиска посета доминирале прашања за главната улога на Комисијата за финансии во надзорот на напорите на Риксдагот за менаџирање на државниот буџет и за тоа како се подготвува државниот буџет во Министерството за финансии, кои се разликите споредено со предлозите за буџет на опозицијата, како и за начинот на кој различните комисии се ангажираат и придонесуваат во процесот на донесување одлуки во врска со распределба на буџетот.

Пратениците, како што посочувааат, се осврнале на научените лекции за време на соработката и дискутираа како да продолжат да работат со силни демократски институции и демократски вредности. Особено внимание посветиле на панел дискусијата за Демократскиот дијалог меѓу владините партии и опозицијата, односно за разбирањето и почитувањето на политичките несогласувања, разликите помеѓу парламентарното мнозинство и опозицијата, меѓупартиските преговори, компромисите и консензусот.

Вториот панел бил посветен на Отвореноста, транспарентноста и антикорупцијата како клучни елементи на довербата во демократскиот систем. На панелот, како што се наведува во соопштението, била истакната важноста на довербата во функционални институции, отвореноста и транспарентноста во работата на парламентот, условите за работа на новинарите во парламентите, како и антикорупциските, независните и непристрасните институции.

На останатите панели е дискутирано за родовата еднаквост и демократијата, како и за парламентарната контрола. На панелите преовладувале теми за претставувањето во парламентот, како и застапеноста во општеството, условите за работа на жените пратенички, главните предизвици во унапредувањето на родовата еднаквост и еднаквите можности како клучен елемент на демократијата.

Од Собранието наведуваат дека во однос на парламентарна контрола е дискутирано за различните инструменти на парламентарна контрола, како што се пратеничките прашања и интерпелацијата, Државниот завод за ревизија и парламентарната контрола на Владата и јавните агенции, со цел, како што велат, да се осигура дека работат на ефикасен начин, во согласност со владеењето на правото.

Како што се посочува во соопштението, паралелно со програмата за пратениците се реализирала и програмата за службата на Собранието во која биле разгледани важни теми со цел, како што велат, подобра подготвеност на собраниската служба како сервис на пратениците.фф/дма/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан