Собраниската комисија за избори утврди четворица од кандидатите на листата за членови на Советот на АВМУ
- Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седницата ги изгласа Виктор Павловски, Сашо Стефановски, Петар Џуровски и Цветанка Миновска како кандидати на листата за членови на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седницата ги изгласа Виктор Павловски, Сашо Стефановски, Петар Џуровски и Цветанка Миновска како кандидати на листата за членови на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Тројцата беа изгласани со 10 гласа „за“ на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ пратеникот Никола Мицески. Мицески кажа дека тие ги исполнуваат потребните услови согласно објавениот оглас од страна на Собранието и учествувале на јавната расправа.
Пратеникот од ЗНАМ Даниел Стојчевски за кандидат на листата за членови на АВМУ ја предложи Цветанка Миновска, новинар во МИА со 28 годишно работно искуство и со богата биографија за која истакна дека ги исполнува потребните услови за оваа позиција.
По барање на пратеничката група на СДСМ беше дадена куса пауза, по што беше изгласан предлогот за изборот на Миновска на листата на кандидати.
Пратеничката Илире Даути од Алијанса на Албанците реагираше обвинувајќи за политизација на изборот на Советот на АВМУ и ја напушти седницата.
-Нема зошто да земаме учество во оваа претходно наместена игра од страна на политичките партии. Се гледа дека добро се координирале во овој случај ВМРО-ДПМНЕ со ЗНАМ, можеби и со СДСМ и од друга страна со Левица, можеби и со ВЛЕН. За да не сме дел од сето ова уште еднаш да го изјасниме нашето противење за навлегување на политиката во медиумите, нас ни преостанува да ја напуштиме оваа седница во знак на протест, рече Даути и ги повика пратениците членови од Европскиот фронт да ја напуштат седницата.
По излагањето на Даути пратеникот Ријад Шакири од Алијанса за Албанците побара дополнителна пауза од 15 минути, по што седницата треба да продолжи.
На јавниот конкурс за член на Советот беа пријавени 31 кандидат, но еден кандидат ја повлече кандидатурата. Пријавените кандидати ќе се борат за седум места во Советот на АВМУ. Од 30-те пријавени кандидати, Комисијата изгласа дека 24 ги исполнуваат условите, а шест не ги исполнуваат условите, затоа што не доставиле уверение за државјанство, кое било еден од условите.
Условите за член на АВМУ ги исполнуваат Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.
Членовите се бираат со двотретинско и со Бадентерово мнозинство во Комисијата и од Собранието.
На дневен ред на оваа седница е и Утврдувањето Предлог - одлука за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државна комисија за жалби по јавни набавки. вг/аа/
Фото: принтскрин