• понеделник, 23 декември 2024

Собранието ја заврши расправата за измени и дополнувања на неколку закони, за гласање немаше кворум

Собранието ја заврши расправата за измени и дополнувања на неколку закони, за гласање немаше кворум
Скопје, 8 април 2021 (МИА) – Собранието ја заврши расправата по неколку предлог-законски измени и дополнувања во рамки на 32-та седница, и тоа за законот за јавните набавки, по скратена постапка, за законот за чек, за давање на финансиски услуги на далечина, во прво читање, потоа Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година, како и измените и дополнувањата на Законот за комплементарна и алтернативна медицина, во прво читање. Поради немање кворум во собраниската сала, гласањето по овие точки ќе биде дополнително закажано. Во текот на попладневниот дел од седницата, предлагачите го повлекоа Предлог на закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка. Дополнувањето на Законот за јавни набавки, според предлагачот, се прават со цел да се овозможи пофлексибилен начин на исплата на аванс за јавните набавки кои се директно поврзани со мерките за справување со пандемии и епидемии на заразни болести, согласно со воспоставената практика на производителите на потребни средства на глобално ниво. Пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова рече дека предлогот за дополнување на Законот за јавни набавки се носи задоцнето. Таа забележа дека кај нас доцни вакцинацијата, која во соседните држави одамна е почната. - Зошто измената да ја носиме постфестум кога повеќе не ни е потребна? Зошто се ваквите измени, кога минатиот период видовме дека една ваква измена не е воопшто потребна. Затоа што, Владата преговарала и договарала, плаќала одредени провизии, без тоа да биде согласно Законот за јавни набавки, рече Панова, додавајќи дека изминатиот период во италијанскиот весник „Ла верита“ излезе афера за набавка на кинески вакцини и праша, според кој закон Владата се обидела тие вакцини да ги набави. Таа рече дека поради таквите афери не може да и верува на оваа Влада и оти не се потребни измените на законот, оти власта добро фукционира и работи надвор од законот. Пратеникот Панчо Минов реплицирајќи и на Панова рече дека со измените на законот се овозможува авансот да изнесува повеќе од 20 проценти, без банковна гаранција. Тој рече дека дополнувањата на законот не се само за набавка на вакцини туку и за други средства, кои се неопходни за решавањето на проблемите произлезени од пандемијата со Ковид-19. Опозициските пратеници упатија критики зошто Владата сè уште не набавила вакцини против Ковид-19, зошто не и успеваат договорите со производителите, зошто другите држави успеале да набават вакцини, а имунизацијата кај нас се врши со донации. Пратениците од мнозинството реплицираа дека власта направила се за да ги набави вакцините, а донациите од Србија се солидарност која е потребна во вакви ситуации. Собранието продолжи и со 8-та точка од 32-та седница, Предлог на закон за изменување на Законот за чек, во прво читање, потоа измените на Законот за давање на финансиски услуги на далечина, во прво читање. Се дебатираше и за Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година, како и измените и дополнувањата на Законот за комплементарна и алтернативна медицина, во прво читање.Пратениците расправаа и за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, во прво читање. ир/лв/

Остани поврзан