Слушачка промоција на албумот Омерагиќ и Спировски - (слобода)
- Независната дискографска куќа „Шарла Рекордс“ денеска организира слушачка промоција на изданието број 111 во вид на вториот албум на импров џез дуото Омерагиќ и Спировски - (слобода) LP.
Скопје, 20 јуни 2025 (МИА) - Независната дискографска куќа „Шарла Рекордс“ денеска организира слушачка промоција на изданието број 111 во вид на вториот албум на импров џез дуото Омерагиќ и Спировски - (слобода) LP.
Настанот ќе се одржи во продавницата за музички изданија re:start во ГТЦ со почеток во 16 часот. Албумот излегува на CD во лимитиран тираж, а достапен ќе биде и во дигитална форма преку Bandcamp профилот на Шарла.
Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски иако сѐ уште релативно млади, веќе се во категоријата на искусни музички автори и изведувачи со завиден број албумски изданија и концертни настапи во регионот и пошироко. Нивната прва соработка е во бендот Fighting Windmills, за првиот сериозен успех на меѓународна сцена да го постигнат преку изданијата на Светлост и Odron Ritual Orchestra, засилени со уште неколку истакнати џез музичари. Како дуо, нивната работа започна во 2020 година со албумот Two Ways East (Шарла DR062).
- Се работи за двајца врвни музички визионери и „разбојници'“ во исто време, во чиј авангарден авторски израз ќе ги сретнете влијанијата на панкот и фри џезот, анархизмот и борбата за работничките права, социјалниот менталитет на Чаир и Ѓорче Петров, и секако - волшебниот апсурд на 21 век, информира „Шарла Рекордс“.
Албумот е снимен и во целост реализиран во тонското студио Кларион од Дејан Ангелевски. Како продуценти се потпишуваат самите автори, а насловната фотографија за албумската корица е на Глигор Кондовски. свс/мд/
Фото: „Шарла Рекордс“