• понеделник, 23 декември 2024

Скринингот со ЕУ денеска продолжува во Луксембург, државава навлегува подлабоко во реформите

Скринингот со ЕУ денеска продолжува во Луксембург, државава навлегува подлабоко во реформите
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Во Брисел вчера започна скрининг процесот за усогласување на законодавството со ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Од 15-27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика што денеска ќе се одржи во Луксембург. Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок кажа дека преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро. -После 17 години чекање имаме историска шанса да обезбедиме европска иднина за граѓаните и Северна Македонија, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека со почетокот на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи, кои вклучуваат имплементација на европски регулативи и придонесуваат за европеизација на општеството и европско функционирање на државата. Како што соопшти СЕП, Маричиќ пред претставниците на Европската комисија истакна дека Северна Македонија има основа за да оди со добро темпо напред и дека во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ. – Македонскиот тим, тука во Брисел, а и колегите кои не следат од Скопје се подготвени да ги слушнеме вашите искуства и совети за тоа како најдобро да се исполнат барањата на законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, поглавје кое е дел од Кластерот Темели, посочи Маричиќ. Тој во своето обраќање на македонски јазик, се осврна и на досега постигнатото од страна на Северна Македонија во конкретното поглавје, Јавни набавки, посочувајќи дека правната рамка за јавните набавки е во голема мера усогласена со правото на ЕУ, односно дека Законот за јавни набавки е усогласен со Директивите за класични и комунални набавки (ЕУ/2014/24 и ЕУ/2014/25), како и со Директивата за правни лекови (2007/66/ЕЗ). – На почетокот на 2022 година, Владата ја усвои Стратегијата за подобрување на системот за јавни набавки за периодот 2022-2026 година, со Акционен план за 2022 година за нејзино спроведување. Директивата за одбрана и безбедност 2009/81/ЕЗ е транспонирана во Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, рече Маричиќ. Вицепремиерот посочи дека активностите за воспоставување ефективни јавно-приватни партнерства се во тек и дека новиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство е подготвен и истиот има за цел транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување договори за концесија, додавајќи дека Предлог-законот е во завршна фаза на усогласување и ќе биде доставен во владина процедура. Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, рече Маричиќ, а развојот на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на жалбите за јавни набавки е во тек. – Улогата и капацитетот на Државниот завод за ревизија во вршењето на ревизиите на јавните набавки се подобрени преку имплементацијата на новата програма за ревизија на јавните набавки што обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите, објасни Маричиќ додавајќи дека законодавството во областа на правните лекови е во голема мера усогласено со правото на ЕУ. До 27 септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој Кластер, а во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. После тоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.

Од Европската комисија за МИА завчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Северна Македонија и Албанија.

-Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.

-Станува збор за технички средби во кои е инволвиран голем број експерти, а ние сме во близок контакт со властите за распоредот на средбите, додаде Писонеро за МИА.

Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.

Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на ЕК што го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.

Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Северна Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него.

Вицепремиерот Маричиќ за МИА пред почетокот на скринингот повика дека сега е неопходно фокусот да се стави на градење на консензусот за продолжување на европските интеграции, градење на консензусот за уставните измени и на кој начин може и опозицијата да се вгради во процесот на преговори и процесот на евроинтеграција. Маричиќ очекува скринингот да заврши во ноември 2023 година. Во однос на уставните измени неопходни за отворање на кластерите, вели дека тоа воопшто нема да биде лесен процес и оти од нас зависи кога ќе продолжиме со евроинтеграциите. Дециден е дека веќе нема условувања или дополнителни нови услови од која било држава членка, вклучувајќи ја и Бугарија, туку јасно се дефинирани условите под кои ги водиме преговорите и под кои услови ќе го продолжиме после скринингот. Нагласува дека во компромисот со Бугарија имаме доволно гаранции и за нашиот идентитет и за нашиот јазик и нема никакви шанси, ниту прилика да се случи каква била асимилација или бугаризација. Во однос на тоа дали се очекуваат потешкотии во некои области во усогласувањето на законодавството и каде имаме слабости, Маричиќ вели дека многу работа не очекува во вториот кластер – Внатрешниот пазар, а исто така и во првиот, којшто е најважен, а тоа се Темелните вредности. – Кластерот Темелни вредности, прв се отвора, последен се затвора, отворен е низ целите преговори и напредокот во тој кластер го диктира напредокот во другите кластери. Но, мислам дека во Внатрешен пазар имаме многу работа и во конкурентност и иновации исто така, кај Зелената агенда, тоа е многу скап кластер што бара многу инвестирање во животната средина и технологии што се позитивни кон животната средина. Во кластерот Земјоделие таму имаме цел еден битен дел и за државна помош и за субвенции, но и за стандардите во земјоделието и мислам дека секаде имаме многу работа, но Внатрешен пазар ќе ни треба најмногу, оценува вицепремиерот за МИА. нд/ац/

Остани поврзан