• петок, 22 ноември 2024

Скрекас -Бектеши: Договорот за интеконекторот за природен гас е важен за економиите на двете земји

Скрекас -Бектеши: Договорот за интеконекторот за природен гас е важен за економиите на двете земји
Атина, 9 јули 2021 (МИА) – Министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас и министерот за економија на Северна Македонија Крешник Бектеши го потпишаа Договорот за развој на интерконекцијата за природен гас, а порачаа дека станува збор за важен договор за двете земји и за регионот, јави дописничката на МИА од Атина. Бектеши истакна дека интерконекторот ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето, а ќе ѝ даде можност на Северна Македонија да ги снабди и со природен гас и северните соседи. -Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава и тоа ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето со природен гас, а секако и во стабилноста во снабдувањето со природен гас. Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи во предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи како што се Република Косово и Република Србија, рече министерот за економија.

Бектеши додаде дека со грчкиот министер имаат одличната соработка, „што уште еднаш е одличен знак за продлабочување на соработката во различни сектори на општеството кај нашите две држави“. Министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас рече дека со меѓувладиниот договор за изградба на гасоводот што ќе почнува од Неа Месимврија и ќе завршува во Гевгелија и се постигнуваат две работи. Ќе биде, како што рече, надградена геополитичката улога на Грција, со оглед на тоа дополнително ќе се зајакне нејзината улога „како енергетски крстопат, што од нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија“. -Од друга страна на нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина, да ја постигне енергетската транзиција и постепено, да ги замени со природен гас позагадувачките облици на искористување на производството на електрична енергија и така, ова да придонесе и во општата европска визија, Европа да биде прв, климатски неутрален континент до 2050. Ова е важен договор, ќе се создадат илјадници работни места за време на изградбата. Околу 110 милиони евра ќе чини изградбата на овој важен проект, што ќе ги обедини двата системи за природен гас на двете држави и секако, откако ќе почне со работа, овој гасовод многу ќе помогне во дополнителниот развој на нашите економии, истакна Скрекас.

Договорот меѓу двете Влади беше потпишан во Атина, во присуство на премиерот Зоран Заев и амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат. ср/ац/

Остани поврзан