• петок, 15 ноември 2024

Си: Кина секогаш ќе го поддржува светскиот мир

Си: Кина секогаш ќе го поддржува светскиот мир

Пекинг, 25 октомври 2021 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска вети дека Кина секогаш ќе го поддржува светскиот мир и меѓународните правила, во услови на загриженост изразена од Соединетите Американски Држави и другите земји поради се поголемата самоувереност на земјата на глобално ниво.

Тајван овој месец објави дека воените тензии со Кина се најлоши во последните 40 години, во услови на зголемена загриженост дека големиот сосед би можел да се обиде со воена сила да го врати островот со сопственото самоуправување на кое полага право. Во говорот по повод 50-годишнината од враќањето на Кина во Обединетите нации, Си рече дека таа секогаш ќе биде „градител на светскиот мир“ и „заштитник на меѓународниот поредок“, објави државната новинска агенција Ксинхуа. Во 1971 година, Обединетите нации гласаа за признавање на Народна Република Кина, исфрлајќи го Тајван од светската организација.
Кина, исто така, поодлучно ги постави своите барања за спорните територии со Индија на нејзината хималајска граница, со некои земји од Југоисточна Азија над делови од Јужното Кинеско Море и со Јапонија за некои острови во Источното Кинеско Море. „Кина силно се противи на сите форми на хегемонија и политика на моќ, унилатерализам и протекционизам“, рече Си, повикувајќи на поголема глобална соработка за прашања како што се регионалните конфликти, тероризмот, климатските промени, кибер безбедноста и биосигурноста. Тој ги повика сите земји да ги промовираат вредностите на мирот, развојот, правдата, демократијата, слободата, користејќи го терминот „заеднички вредности на целото човештво“ првпат споменат во говорот во јули по повод 100-годишнината од владејачката Комунистичка партија. паг/
   

Остани поврзан