Сиљановска - Давкова не го откри името на новиот гувернер, но знае кој би бил тој, Мицкоски очекува од него да биде двигател на позитивните економски текови
- Името на новиот гувернер ќе биде познато наскоро. Се очекува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да го достави предлогот за гувернер до Собранието. Таа денеска во изјава за медиумите не го откри името, но рече дека знае кој ќе биде тој. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, очекува новиот гувернер да работи на одржување на макроекономската стабилност и да биде двигател на позитивните економски текови.
Скопје, 20 мај 2025 (МИА) - Името на новиот гувернер ќе биде познато наскоро. Се очекува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да го достави предлогот за гувернер до Собранието. Таа денеска во изјава за медиумите не го откри името, но рече дека знае кој ќе биде тој. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, очекува новиот гувернер да работи на одржување на макроекономската стабилност и да биде двигател на позитивните економски текови.
- Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Со право се создаде дебата и прашања, но сепак мислам дека е нешто што треба да се практикува за секоја функција – да седнете со сите кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате што мислат за другите или што мисли дека тој ќе направи, а не е направено…Уште повеќе би сакала да има повеќе кандидати, но, тоа не е можно секогаш, изјави денеска Сиљановска-Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова требаше вчера да го достави предлогот до Собранието, но, од нејзиниот Кабинет, информираа дека таа разговарала со кандидатите и дека наскоро ќе го достави предлогот до Собранието.
Меѓу тројцата најсериозни кандидати за оваа функција се споменуваат актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, професорот на Економскиот факултет во Скопје Трајко Славески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека очекува макроекономска стабилност и гувернерот да биде двигател на позитивни економски текови.
- Да почекаме да видиме кој ќе биде предлогот во Собранието доставен од страна на Кабинетот на претседателката, рече Мицкоски.
Утре истекнува петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година. бак/aa/