• недела, 22 декември 2024

Сиљановска Давкова и Ангелов разговарале за неопходноста од реформи во системот за управување со кризи

Сиљановска Давкова и Ангелов разговарале за неопходноста од реформи во системот за управување со кризи

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска го примила директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. На средбата, информираа од Кабинетот на Сиљановска Давкова, било разговарано за неопходноста од реформи во системот за управување со кризи, потребата од измени на Законот за управување со кризи, како и за владината одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

Директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов, ја запознал претседателката со системските проблеми и недостатоци со кои се соочуваат, неефикасноста и преклопувањето на нивните надлежности со функциите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Претседателката Сиљановска Давкова посочила дека пожарите што ја зафатија земјава ги потврдија критичните недостатоци во системот за управување со кризи, и ја истакнала неодложната потреба од суштинско реорганизирање и сеопфатни реформи, што е од клучна важност за ефикасно справување и соодветна реакција во кризни состојби.

На средбата, се наведува во соопштението, била потенцирана и важноста од натамошна координација и соработка помеѓу претседателката, Владата, Армијата и сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел навремено и соодветно делување во услови на кризна состојба.

Директорот Ангелов на средбата информирал и за тековните состојби со пожарите, како и за мерките и активностите кои се преземаат за нивно ставање под контрола и гаснење. цр/лв/

Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова

Остани поврзан