• петок, 21 јуни 2024

Сиљановска Давкова - Агелер: Евроинтеграциите позитивно влијаат врз демократската и економската консолидација на земјите од регионот

Сиљановска Давкова - Агелер: Евроинтеграциите позитивно влијаат врз демократската и економската консолидација на земјите од регионот

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.  На средбата, соопштија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, се  разговарало за можностите за засилување на соработката меѓу двете земји, за македонските евроатлантски интеграции, како и за потенцијалите што ги нуди Стратешкиот дијалог за конкретизирање на билатералната соработка меѓу двете земји.

Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за севкупната поддршка од САД и ја истакнала подготвеноста за натамошно продлабочување на македонско-американското пријателство и меѓусебната поддршка во насока на реализирање на македонските надворешно-политички цели.

Во тој контекст, Сиљановска-Давкова истакнала дека како стабилен партнер и докажан сојузник на САД во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет, со активно учество во заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани врз мирот во светот.

Потенцирајќи дека евроинтеграциите имаат позитивно влијание за демократската и економската консолидација на земјите од регионот, Сиљановска-Давкова ја посочила потребата од забрзана европска интеграција. Во таа насока, таа истакнала дека пристапниот процес за членство во ЕУ, мора да биде мериторно валоризиран и не смее да трпи политички притисоци од страна на други земји членки.

На средбата претседателката ја потенцирала улогата и поддршката од САД во интензивирање на реформските процеси и истакнала дека земјава и понатаму останува посветена на спроведување на реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформите во безбедносниот сектор, како едни од нашите највисоки приоритети.

Двете соговорнички, како што е наведено во соопштението, размениле мислења за исходот од Самитот за мир во Украина, за влијанијата и безбедносните случувања во регионот, како и за политиките во интерес на гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот на поширокиот регион. дма/бак/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова 

Остани поврзан