Сиљановска-Давкова на средба со виолинистот Либек и пијанистката Апекишева: Музиката е најмоќниот и најрепрезентативен амбасадор на една земја
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими британските уметници, виолинистот Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева, кои вечерва ќе настапат на британската вечер, во рамки на 65. издание на Охридско лето. На средбата во вила Билјана во Охрид присуствуваа и директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски, како и Клер Сирс, директорка на Британскиот Совет.
Скопје, 7 август 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими британските уметници, виолинистот Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева, кои вечерва ќе настапат на британската вечер, во рамки на 65. издание на Охридско лето. На средбата во вила Билјана во Охрид присуствуваа и директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски, како и Клер Сирс, директорка на Британскиот Совет.

Како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска - Давкова, истакнувајќи дека имаат чест прв пат да го посетат Охрид, уметниците ја информираа претседателката за нивното музичко образование, досегашните впечатоци од настапите ширум светот, како и за музичките проекти коишто им претстојат.
Катја Апекишева како солист дебитирала на 12 - годишна возраст. Денес, редовно настапува на фестивали за камерна музика ширум светот.
Џек Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика.

Сиљановска-Давкова, се посочува, го повторила своето убедување дека културната дипломатија секогаш гради мостови меѓу државите, нациите и граѓаните, а музиката е најмоќниот и најрепрезентативен амбасадор на една земја.
Соговорниците разговарале и за реализацијата на досегашната програма на Охридско лето, која, како што истакнал директорот Цуцковски, наишла на извонреден прием кај публиката.
На средбата станало збор и за соработката меѓу земјава и Велика Британија, за која, се посочува, сите се согласиле дека се продлабочила во изминативе месеци, со потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство.

-Претседателката изрази надеж дека насловот на вечерашниот концерт „Романсата сѐ уште не е мртва“ ќе испрати силна порака за крај на трагедиите со кои се соочуваме во ова време невреме на воени конфликти, стои во соопштението. вг/вј/
Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска - Давкова