Сиљановска-Давкова го прими министерот за економија на Азербејџан, Џабаров
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со министерот за економија на Азербејџан Микаил Џабаров, на која беше потврдена подготвеноста за продлабочување на соработката во областа на економијата, но и во други сфери, како инфраструктурата и туризмот.
Скопје, 21 јули 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со министерот за економија на Азербејџан Микаил Џабаров, на која беше потврдена подготвеноста за продлабочување на соработката во областа на економијата, но и во други сфери, како инфраструктурата и туризмот.
За соговорниците, како што информираат од Кабинетот на претседателката, потпишувањето Декларација за стратешко партнерство и пријателство е неопходен чекор кон склучувањето договор за стратешка соработка во областа на енергетиката.

На средбата, министерот Џабаров ја информирал претседателката за подготвеноста на Азербејџан да потпише со нас договор за долгорочно снабдување со гас, со којшто азербејџанската национална нафтена компанија SOCAR ќе го зајакне присуството во регионот и уште еднаш ќе го потврди угледот како сигурен и доверлив снабдувач со енергетски ресурси на европскиот пазар.
За претседателката, оваа иницијатива, како што се наведува, гарантира сигурна енергетска транзиција кон Зелената агенда. Таа очекува приклучување кон ТАП (Трансјадрански гасовод), како потенцијално решение за справување со глобалната енергетска криза.
Со оглед на брзиот инфраструктурен развој на Азербејџан, претседателката изразила став дека азербејџанското искуство и експертиза може да ни помогнат за поефикасна реализација на тековните и идни инфраструктурни проекти.

Министерот Џабаров изразил подготвеност за помош на овој план, укажувајќи на позитивното искуство со неколку земји од регионот.
- Соговорниците се согласија околу потребата од визна либерализација како важен и неопходен чекор за меѓусебно зближување. Обајцата укажаа на потребата од иницирање партнерски проекти во сферата на туризмот, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова. мд/ра/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова