• петок, 05 декември 2025

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Молдавија, Емил Жакота

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Молдавија, Емил Жакота

Скопје, 4 декември 2025 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги примила акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија, Емил Жакота, и му посакала успешно извршување на значајната дипломатска мисија.

-Триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, според нив, сведочи за долг период на меѓусебно пријателство, што во иднина треба да се збогати со поширока соработка во повеќе области, пред сѐ во економијата, за што е потребна соодветна правна рамка. За обајцата, иднината на двете држави, коишто споделуваат исти демократски вредности, е во европското семејство, каде што припаѓаат географски, културно и историски.  Заедничките аспирации за интегрирање во ЕУ, според Сиљановска-Давкова, се основа за натамошно интензивирање на политичките односи, укажувајќи дека проширувањето е незапирлив процес којшто ќе донесе траен мир, стабилност и просперитет во регионот, Европа и пошироко. Таа го поздрави напредокот на Молдавија во евроинтеграцискиот процес и изрази подготвеност за споделување на македонското искуство, соопшти Кабинетот на  Сиљановска-Давкова. 

Амбасадорот Жакота се заложил за унапредување на политичката, економската и културната соработка.

-Тој изрази уверување дека Меморандумот за соработка во областа на европската интеграција, потпишан во Кишињев минатата година, овозможува Молдавија да ја користи македонската експертиза во поглед на европските фондови, јакнењето на институционалните капацитети и усогласувањето со европското законодавство, се наведува во соопштението. 

Сиљановска-Давкова упатила покана до претседателката на Молдавија, Маја Санду, за официјална посета на државава. 

хс/са/

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија 

Остани поврзан