• недела, 22 декември 2024

Сијарто: Провоените сили во Вашингтон и Брисел почнаа „напад на новата реалност“

Сијарто: Провоените сили во Вашингтон и Брисел почнаа „напад на новата реалност“

Будимпешта, 18 ноември 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто денеска изјави дека провоените сили во Вашингтон и Брисел „во последниот чин на фрустрација“ извршиле „жесток напад врз новата реалност“ и дека не се плашат од најлошото сценарио – проширување на војната во Украина на целиот свет.

- Провоените мејнстрим партии во Вашингтон и Брисел почнаа конечен, жесток напад на новата реалност … Ова не е само антидемократски потег, туку и крајно опасен. Се чини дека провоените сили во последниот чин на фрустрација не се плашат од најлошото, односно од ширењето на војната од Украина во целиот свет“, напиша Сијарто на својот профил на Фејсбук.

Тој истакна дека „новата реалност“ е создадена со победата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на претседателските избори во земјата, со оценка дека гласачите „одлучиле да ги поддржат патриотските сили кои се залагаат за мир“.

Сијарто најави дека на денешната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, прва по победата на Трамп, ќе има „тешка борба“ бидејќи, според него, неопходно е да се запрат обидите за ескалација и во Брисел.

Според пишувањето на „Њујорк тајмс“ и наводи на Ројтерс и некои други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден вчера и одобрила на Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко во руска територија, а потоа, како што пренесува „Фигаро“, истото го направиле и Франција и Велика Британија, дозволувајќи употреба на ракети SCALP/Сторм шедоу. јт/

Фото: Сијарто на Фејсбук

Остани поврзан