• четврток, 21 ноември 2024

Сијарто: Енергетската сигурност на Унгарија зависи од рускиот гас

Сијарто: Енергетската сигурност на Унгарија зависи од рускиот гас

Москва, 30 август 2024 (МИА) - Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Русија се сретна со главниот директор на Гаспром за снабдувањето со енергија на Унгарија, порачувајќи дека без рускиот гас енергетската сигурност на Унгарија не може да биде загарантирана.

„Без рускиот гас, енергетската безбедност на Унгарија не може да биде загарантирана. Ова не е прашање на идеологија, туку на физика и математика“, објави Сијарто на Фејсбук.

„Денес во Европа е потребна храброст за да се каже тоа, но Унгарија е задоволна од енергетската соработка со Русија“, додаде тој во објавата, споделувајќи фотографија на која е заедно со главниот директор на Гаспром, Алексеј Милер, во Санкт Петербург.

Унгарија речиси целосно зависи од рускиот гас, кој главно го добива преку Турскиот тек и неговото продолжение, Балканскиот тек, кој поминува под Црното Море и води кон Бугарија, Србија и Унгарија.

Остатокот го добива преку гасоводот кој минува низ Украина. Но, Киев неодамна објави дека нема да го продолжи договорот за транзит, кој истекува на 31 декември оваа година.

Покрај тоа, Украина го блокира снабдувањето со нафта од руски ЛУКОИЛ, кој преку нафтоводот Дружба испорачува „третина од увозот на нафта на Унгарија“. Будимпешта летово ја оцени оваа одлука како „неприфатлива“.

Унгарија, која е единствената членка на ЕУ што остана блиска со Москва и покрај војната во Украина, редовно ги критикува санкциите против Русија и одбива да испрати воена помош на Киев.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан предизвика критики на почетокот на јули со тоа што се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, без да се консултира со европските партнери, иако Унгарија претседава со ЕУ.

Петер Сијарто, кого неговиот руски колега Сергеј Лавров го одликуваше со Орден на пријателството на крајот на 2021 година, ја посети Русија десет пати од почетокот на војната во Украина. ссм/

фото: фејсбук профил на Сијарто

Остани поврзан