• вторник, 05 ноември 2024

Сијарто: „Турски тек“ е клучот за енергетската безбедност на Унгарија

Сијарто: „Турски тек“ е клучот за енергетската безбедност на Унгарија
Ташкент, 11 ноември 2022 (МИА) - Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Петер Сијарто денеска изјави дека оперативен „Турски тек“, кој ќе минува и низ Србија, е клучот за енергетската безбедност на Унгарија. Сијарто го кажа ова на самитот на Советот на туркофонските држави во Самарканд во Узбекистан и додаде дека Европа сега се бори да обезбеди сигурно снабдување со енергенти, пренесоа унгарските медиуми. - Доколку ги погледниме фактите без политичка и идеолошка пристрасност, јасно е дека снабдувањето со енергенти не може да се обезбеди без туркофонските држави, подвлече тој. Како што нагласи тој, „Турски тек“, кој ќе испорачува гас за Унгарија и Европската Унија, преку Турција, Бугарија и Србија, е единствен сигурен и логичен начин за обезбедување стабилно снабдување со енергенти. Сијарто наведе дека Унгарија ќе увезува и таканаречена „зелена електрична енергија“ од Азербејџан, согласо договорот на државата и ЕУ за увоз на струја преку Грузија, Романија и Унгарија. Тој додаде и дека на самитот на Советот на туркофонските држави усвоена е одлука за формирање инвестициски фонд, а ќе учествува и Унгарија. - Привлекувањето инвестиции во Унгарија е клучна стратегија на Владата за спречување рецесија, а обемот на инвестиции од источните земји ги надмина западните уште во 2018 година, подвлече Сијарто. Според него, изминатите 12 години приходот од трговијата меѓу Унгарија и туркофонските држави пораснал за два и пол пати, на 4,5 милијарди долари. На овогодинешниот самит на Советот на туркофонските држави присуствуваа лидерите на Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Турција и Узбекистан, со унгарски и туркменистански претставници како набљудувачи. бд/

Остани поврзан