• четврток, 04 декември 2025

„Сите сме дел од мозаикот“, поетско читање по повод 3 Декември во организација на Советот на млади Крива Паланка

„Сите сме дел од мозаикот“, поетско читање по повод 3 Декември во организација на Советот на млади Крива Паланка

Крива Паланка, 4 декември 2025 (МИА) - Во чест на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Национална установа Центар за култура Крива Паланка во соработка со Советот на млади при Општина Крива Паланка организираше поетски конкурс „Сите сме дел од мозаикот“ чијшто завршен настан се одржа синоќа, истакнувајќи ја важноста од прифаќање, поддршка и достоинствен живот за секој човек.

-На конкурсот пристигнаа околу шеесет творби од ученици и млади автори од општините Крива Паланка и Ранковце. Покрај благодарници, доделени на сите учесници и нивните ментори, беа врачени и награди за прво, второ и трето место во повеќе категории: ученици од прво до петто одделение, од шесто до деветто одделение, средно образование и категорија млади до 29 години. Жири-комисијата, составена од поетесите Мира Георгиевска, Ирена Митковска и Емилија Колевска, внимателно ги разгледа сите пристигнати творби.

Колевска, која беше и модератор на манифестацијата, истакна дека конкуренцијата била силна и дека бројката од 60 творби покажува колку младите го сакаат пишувањето, а нашата цел,да се подигне свеста на луѓето,пред сѐ на младите,за инклузијата на лицата со попречености, беше остварена, рече Никола Митовски, координатор и иницијатор на конкурсот од Локален младински совет.

Наградите ги врачија директорот на НУЦК, Сашко Додевски и Никола Митовски, а настанот се одржа во библиотеката „Кочо Рацин“ при НУЦК.

Додевски пред присутните рече дека просторот можеби е мал, но љубовта и стиховите што ги носат младите се поголеми од секој ѕид, укажувајќи благодарност до младите за идејата и иницијативата.

Митовски искажа задоволство од интересот и позитивната енергија на настанот.  -Се надевам дека конкурсот ќе прерасне во традиција, особено поради одличниот одзив од младите, како и соработката со директорот и вработените во НУЦК во поддршка и целосна реализација на конкурсот, рече Митовски.

Поетското читање донесе вечер исполнета со емоции, нови млади таленти и пораки за инклузија, покажувајќи дека вистински мозаик се создава кога секој дел е вреднуван и слушнат. ид/нд/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан