• петок, 05 декември 2025

Сите скандинавски земји под командата на Норфолк; Алијансата го засилува своето присуство на север

Сите скандинавски земји под командата на Норфолк; Алијансата го засилува своето присуство на север

Брисел, 4 декември 2025 (МИА) - Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) оваа недела ќе ги интегрира скандинавските земји во Здружената команда на силите (JFC) во Норфолк, САД, како дел од напорите за зајакнување на трансатлантската безбедност и засилување на присуството на Алијансата во северните региони, изјави денеска врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, генерал Алексис Гринкјевич.

Со промените, сите скандинавски држави ќе бидат под команда на штабот во Норфолк, кој е ориентиран кон одбраната на Северниот Атлантик. Досега дел од овие земји беа под команда на НАТО во Брунсум, Холандија, која е одговорна за североисточното крило на Алијансата.

Финска и Шведска станаа членки на НАТО по руската инвазија на Украина – во 2023 година и 2024 година, соодветно. Војната доведе до преоценка на безбедносните стратегии во двете земји. Нивното приклучување ги зацврсти позициите на Алијансата во Северна Европа и балтичкиот регион и, всушност, доведе до потреба од реструктурирање на командата.

- Со оглед на распоредот на нашите противници низ целиот свет, неопходно е максимално да ја зајакнеме евроатлантската зона и да ги засилиме нашите позиции во северните региони, изјави Гринкјевич пред новинарите во штабот на НАТО во близина на Монс, Белгија.

- Норфолк е стратешкиот мост меѓу Северна Америка и Европа, објасни тој.

По реструктурирањето, Командата во Норфолк ќе ја преземе одговорноста за Арктикот, Данска, Финска, Гренланд, Исланд, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство. ссм/ми

фото: архива

Остани поврзан