• понеделник, 23 декември 2024

Синдикатот на „Еуроникел" за утре најави протест пред фабриката 

Синдикатот на „Еуроникел

Кавадарци, 22 ноември 2023 (МИА) - Синдикатот на „Еуроникел" најави протест пред фабриката утре од 12 до 15 часот., потврди за МИА, претседателот на синдикалната организација, Миле Ѓорѓиев. 

Инаку, Синдикатот на „Еуроникел индустри" вчера испрати барање до Фатмир Битиќи, заменик претседател на Влада задолжен за економски прашања, координација и економски ресори и инвестиции, со копија од барањето до премиерот Димитар Ковачевски, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и Хари Костов, директор на Комерцијална банка АД Скопје, за исплата на ДДВ за давање на плата, спас на работните места и егзистенцијата на околу 800 вработени.

- Ви се обраќаме со длабоко разочарување после минатонеделната комуникација и ветување дека ќе се превземат сите активности за да ни се излезе во пресрет на нашите барања за исплата на плата преку поврат на ддв. ДДВ повратот за месец август 2023 година се уште не е реализиран. Работниците немаат земено плата за месец октомври 2023 и сите наши вработени и нашите семејства останавме и без најчуствителното, без здравствена заштита, пишува во барањето. 

Во него се нагласува дека вицепремиерот треба да го исполни ветеното од минатата недела.

- Ние не бараме да ни се дадат средства  што не ни припаѓаат, ние не бараме средства од буџетот, ние не бараме милостина, ние бараме ддв за месец август што и се должи на фирмата и кое е доспеано по сите основи, да се врати, за да можеме да добиеме минимални средства за да го преживееме овој месец и да добиеме здравствена заштита, за нас и за нашите деца. Притоа повторно една третина од средствата пак ќе завршат во државната каса по основ на придонеси, пишуваат од Синдикатот.

Во дописот потпишан од претседателот на синдикалната организација, Миле Ѓорѓиев, се нагласува, дека, доколку ова барање не се исполни, во една ваква ситуација, на вработените не им бил оставен никаков избор, освен да излезат на улица и да протестираат се додека не се остварат  основни човекови и работнички права.

- Уредно и согласно закон, најавуваме протест кој ќе се одржи во деновите четврток и петок на регионалниот пат Кавадарци - Дреново кај фабриката ,,Еуроникел". Истиот ќе биде експресно откажан доколку се направи поврат на ддв за месец август 2023 година и работниците добијат плата и здраствено осигурување. Но доколку нема позитивен исход, тогаш најавуваме радикализација на протестите. Со надеж дека сепак ќе го послушате гласот на своите граѓани и ќе ни овозможите тоа што по закон ни следува, очекуваме  поврат на ддв и исплата на плата, пишува во барањето од Синдикатот. свд/цр


Фото : МИА архива и барањето од Синдикатот 

Остани поврзан