• понеделник, 23 декември 2024

„Сименс“ го претстави својот водороден воз, замена за шинобусот

„Сименс“ го претстави својот водороден воз, замена за шинобусот
Минхен, 6 мај 2022 (МИА) - Германскиот конгломерат „Сименс“ денеска го претстави моторниот воз којшто се движи на водород, развиен со германскиот железнички оператор „Дојче бан“. Предвидено е да почне да сообраќа во 2024 година во регионалниот транспорт. Возот треба „да ги замени дизел-возовите (шинобусите) во меѓуградскиот превоз“, соопшти „Дојче бан“. Новиот модел на воз наречен „Мирео плус X“ работи на „зелен водород“, произведен со чиста енергија, а по согорувањето испушта само водена пареа. Употребата на гасот водород како гориво без загадувачки влијанија, е дел од проектот на германската Влада, којашто исто така сака „да електрифицира 75 отсто од железничката мрежа до 2030 година“, како што рече Михаел Теурер, државен секретар во Министерството за дигитални технологии и транспорт. - Секој испорачан воз ќе значи до 45.000 тони јаглерод-диоксид помалку во текот на 30-годишниот животен век во споредба со соодветните патувања со автомобил, изјави Мајкл Петер, извршен директор на „Сименс мобилити“. Во зависност од конфигурацијата, возот ќе може да мине од 800 до 1.000 километри, со максимална брзина до 160 километри на час, се наведува во соопштението. „Мирео плус Х“ ќе се тестира на линиите Баден-Виртемберг во 2023 година, а во редовен сообраќај ќе биде пуштен во 2024 година, меѓу градовите Тибинген, Хорб и Форчајм. Со оваа програма, „Сименс“ се обидува да го достигне својот француски конкурент „Алстом“, којшто веќе продава патнички возови на водород - 41 воз беа нарачани од две германски провинции, а тестови беа спроведени во Австрија, Холандија, Полска, Шведска и Франција. „Алстом“ и компаниијата „Енџи“ развиваат силни товарни локомотиви напојувани од горивни водородни ќелии. си/гт/

Остани поврзан