• сабота, 13 јули 2024

„Симболи“ - самостојна изложба на слики од Љупчо Бојаров во галеријата „КО-РА“

„Симболи“ - самостојна изложба на слики од Љупчо Бојаров  во галеријата „КО-РА“

Скопје, 12 ноември 2023 (МИА) - Во рамки на културната понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028, самостојна изложба насловена „Симболи“ од Љупчо Бојаров ќе биде отворена на 14 ноември во 19 часот во галеријата „КО-РА“, (Голем салон) во Домот на култура „Кочо Рацин“ - Скопје.

Проектот е поддржан од Град Скопје и од Домот на култура „Кочо Рацин“ како дел од годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајнот и архитектурата и претставува збогатување на културната понуда за граѓаните и за сите посетители.

На изложбата академискиот уметник Бојаров ќе се претстави со триесетина дела изработени во техника – фузирано стакло.

Како што наведува авторот, делата ќе бидат претставени во три тематски целини: „Симболи во предели“, „Рановизантиски симболи“ - Симболи од четврти до шести век на територијата на  Северна Македонија и „Детали“ - Симболи од реконструираниот полилеј „Св. Димитрија“, Марков манастир во 2023 година. 

-Посебно ме воодушевува играта на светлината во насликаното стакло во колоритот што е карактеристичен за моето творештво. Можностите  што ги дава техниката на фузирано стакло се неограничени и ме радуваат идните резултати во оваа техника, изјави Бојаров по повод изложбата.

Изложбата, уметникот ја посветува на  Маја Тасевска, Звонко Тасевски и Дејан Алексов.

Љупчо Бојаров е роден на 16 август 1959 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984 година и оттогаш е член на ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Добитник е на многубројни награди меѓу кои се и наградите од меѓународен карактер, во земјава, во Чехословачка, Шведска и Италија.

Бојаров учествувал на  голем број групни изложби во земјава и надвор, на 158 групни и меѓународни групни изложби, во Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Чехословачка, Унгарија, Словачка, Шведска, Шпанија, Англија, Франција, САД, Грција, Египет, Италија и во Бугарија. вг/

Фото: Плакат за исложбата

Остани поврзан