Сикорски до Сијарто: Унгарија може да обезбеди нафта без да ја поддржува војната на Путин
- „Петер, како што повеќе пати ти посочи Европската комисија, Унгарија може да добива нафта од не-руски извори без да ја финансира воената машинерија на Путин“, напиша Сикорски. Тој ја повика Унгарија да покаже солидарност со Украина во нејзината борба за независност, додавајќи: „Хероите од 1956 година гледаат“, алудирајќи на востанието во Будимпешта против комунистичкиот режим.
Варшава, 29 август 2025 (МИА) – Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска му одговори на унгарскиот колега Петер Сијарто, нагласувајќи дека Унгарија може да се снабдува со нафта од не-руски извори, без да ја финансира војната на рускиот претседател Владимир Путин.
Изјавата Сикорски ја даде на социјалната мрежа Икс, реагирајќи на емотивниот одговор на Сијарто на критиките од украински и полски официјални лица за унгарската одлука да воведе санкции против Роберт „Маѓар“ Бровди, командант на Одделот за беспилотни системи на украинските вооружени сили.
„Петер, како што повеќе пати ти посочи Европската комисија, Унгарија може да добива нафта од не-руски извори без да ја финансира воената машинерија на Путин“, напиша Сикорски. Тој ја повика Унгарија да покаже солидарност со Украина во нејзината борба за независност, додавајќи: „Хероите од 1956 година гледаат“, алудирајќи на востанието во Будимпешта против комунистичкиот режим.
Peter, as the European Commission has repeatedly told you, Hungary can get its oil from non-Russian sources without financing Putin's war machine.
— Radosław Sikorski 🇵🇱🇪🇺 (@sikorskiradek) August 29, 2025
Please show solidarity with Ukraine's struggle for independence.
The heroes of 1956 are looking on.
Унгарскиот министер за надворешни работи вчера објави дека, како одговор на неодамнешниот украински напад врз нафтоводот „Дружба“, унгарската влада одлучила да му забрани влез во земјата на Бровди, кој беше одговорен за нападот.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха остро ја осуди оваа одлука, додека Сикорски го покани Бровди во Полска, и покрај унгарските санкции што му забрануваат влез.
Бровди, етнички Унгарец од украинскиот регион Закарпатија, ова лето беше назначен за шеф на Одделот за беспилотни системи на украинските вооружени сили. Според него, нападот врз нафтоводот бил извршен од 14-тиот полк на неговата единица за дронови.
Портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнцирова, по првичниот напад истакна дека украинските напади со дронови врз нафтоводот „Дружба“ не влијаеле на снабдувањето со нафта во Унгарија или Словачка и не ја загрозиле енергетската безбедност на ЕУ. ссм/
фото: архива