Трамп им забранил на американските епидемиолози да комуницираат со СЗО
- Администрацијата на претседателот Доналд Трамп им забранила на клучни американски здравствени службеници задолжени за заразни болести директна комуникација со претставници на Светската задравствена организација (СЗО).
Атланта, 26 мај 2026 (МИА) – Администрацијата на претседателот Доналд Трамп им забранила на клучни американски здравствени службеници задолжени за заразни болести директна комуникација со претставници на Светската задравствена организација (СЗО).
Како што објави Си-ен-ен, со тоа практично им е оневозможено учество во дел од глобалните дискусии за епидемии. Според директивата на која се повикува американската телевизија, на вработени во Националниот институт за алергии и заразни болести им е забрането да комуницираат со СЗО.
Тој институт со децении го предводеше д-р Ентони Фаучи, кој беше активно вклучен во одредувањето процедури за третман при големи јавноздравствени закани, како ХИВ/СИДА и ковид-19.
Забраната била воведена при појавата на епидемија на хантавирус, а подоцна некои од ограничувањата биле делумно олабавени по информациите за епидемија на ебола во ДР Конго.
Во моментот на некои од американските службеници им е дозволено да учествуваат на состаноци на СЗО, но само во мал број и исклучиво како слушатели, а сите официјални одговори мора да одат преку хиерархијата на американското Министерство за здравство.
Според извештајот, таквите ограничувања ја отежнуваат брзата меѓународна соработка во време на здравствени кризи.
Повеќе сегашни и поранешни здравствени службеници за Си-ен-ен изјавиле дека ситуацијата претставува сериозна пречка при реагирање на нови епидемии.
Во текстот се наведува и дека таквата политика е дел од одлуката на админстрацијата на Трамп за повлекување на САД од меѓународни здравствени форуми, при што се спомнува и институционален вакуум во неколку клучни американски здравствени агенции. аб/јт
фото/МИА архива