• недела, 22 декември 2024

СЗО вели дека Европа мора да продолжи да се бори против ХИВ и СИДА

СЗО вели дека Европа мора да продолжи да се бори против ХИВ и СИДА

Копенхаген, 20 јули 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) повикува на решителна борба против ХИВ и поврзаната стигма во Европа, пред меѓународната конференција за СИДА што ќе се отвори в понеделник во јужниот германски град Минхен.

-Додека бројот на нови инфекции и смртни случаи расте во Европа, ситуацијата со епидемијата варира во голема мера низ регионот, изјави за ДПА регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.

Тој рече дека некои земји речиси целосно го запреле преносот на ХИВ и дека се на работ да можат да кажат дека крајот на СИДА-та е на повидок. Во други, пак, стапката на смртност остана неприфатливо висока.

Дијагнозите на ХИВ во доцна фаза остануваат проблем денес, според Клуге, кој рече дека е потребна итна акција за да се одговори на широко распространетата стигматизација на засегнатите, бидејќи тоа го попречува напредокот.

Тој изрази надеж дека Светската конференција за СИДА која започнува в понеделник во Минхен ќе го врати прашањето повторно во поостар фокус.

-Конференцијата исто така се одржува во време кога темата за ХИВ/СИДА се чини дека исчезна од радарот во многу делови од светот, рече тој.

Европскиот регион на СЗО вклучува околу 50 земји, вклучително и многу на исток од Европската унија. Според Клуге, околу три милиони луѓе живеат со ХИВ во овој регион, од околу 39 милиони во светот. мс/

фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан