• сабота, 22 февруари 2025

Се садат и берат лутите пиперки во струмичко Банско

Се садат и берат лутите пиперки во струмичко Банско

Струмица, 20 јануари 2025 (МИА) - Почна садењето на лути пиперки во пластениците во струмичко Банско со што се означува почетокот на производство на оваа градинарска култура која е меѓу првите кои се нудат на пазарот од годинашната реколта, но и почнаа првите берби од градинарите кои порано ја имаат засадено.

Според Даме Тренчовски, годинашново производство се очекува да стаса за целосна берба до почетокот на март.

-Од крајот на минатиот месец се засадува лутата пиперка во пластениците. Со берба треба да почнеме на почетокот на март и се надевам дека ќе бидеме задоволни од цената и пласманот. Првите количини засега се откупуваат по 6-8 денари за парче и традиционално има интерес. Очекуваме трговците да бидат коректни и навреме да го плаќаат откупеното, вели Даме Тренчовски производител на лути пиперки од село Банско.

Според него, годинава производството ќе биде малку поголемо споредба со лани, но не како порано кога лутите пиперки се засадуваа на поголеми површини.

-До пред неколку години секоја производствена сезона се зголемуваше производството, но последните години лутата пиперка ја дели судбината на другите градинарски култури чие производство од година во година се намалува. Тоа се должи на намалувањето на бројот на градинарите и заминувањето на младите, смета Тренчовски.

Инаку, заради затоплувањето на пластениците со топла вода од термалните извори во близина на селото Банско, производството стасува порано и е поисплатливо од другите начини на раноградинарско производство за кои се користат други извори на затоплување.

Деновиве во Струмичко интензивно се расадува и пролетната зелка во пластениците, иако одредени сорти од неа заради климатските приспособувања се одгледуваат во текот на целата година. Според производителите, зелката ќе биде засеана на незначително поголеми површини од лани. рт/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан