Се реставрира црквата „Свето Преображение“ во Ербеле, албанско село некогаш населено со многу Македонци
- Почна реставрацијата на црквата „Свето Преображение“ во селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на албанско - македонската граница кај Дебар, еден од најстарите и најуникатните споменици на културното наследство, кој од албанските власти во 1970 година е прогласен за споменик на културата од прва категорија.

Дебар, 5 август 2025 (МИА) - Почна реставрацијата на црквата „Свето Преображение“ во селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на албанско - македонската граница кај Дебар, еден од најстарите и најуникатните споменици на културното наследство, кој од албанските власти во 1970 година е прогласен за споменик на културата од прва категорија.
Работите ги изведува Националниот институт за културно наследство на Албанија (IKTK), а вклучува структурни интервенции во темелите на црквата, реставрација на оштетената фасада, санација на пукнатини, реставрација на камениот под и зачувување на оригиналните елементи на таванот и ѕидните икони.
-За оваа цел одобрени се средства во износ од околу 30 илјади евра, а работите се очекува да завршат за два месеца. Овој проект е дел од напорите за спасување и промоција на реткото културно наследство што се наоѓа во руралните средини на земјата. Црквата се наоѓа на висок рид југозападно од селото Ербеле, датира од 12 век и вклучува елементи што припаѓаат на периодот пред османлиското освојување, објави Националниот институт.
Познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир во 2018 година и подари 12 икони на црквата, по средбата што Епископ Антаниски г. Партениј ја оствари со Никола Ѓурѓај претседател на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Некогаш во селото имало многу македонски семејства, но се иселиле па денес се две кои постојано живеат тука. Едно од нив е семејството на Ернест Постоли, кое се гижи за црквата. Велат дека и понатаму ќе се грижат за овој божји храм, палат кандило спроти петок, недела, празник за да не остане во мрак.
Патронот на црквата е 19 август, кога поранешните жители и нивни потомци, каде и да се иселени, доаѓаат заедно да го одбележат. вт/дма/
Фото: Албански Национален институт за културно наследство