Се реконструира штипската улица ,,Широк дол"
- Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар", Кирил Зајков, денеска на прес-конференција соопштија дека канализационата мрежа на улицата „Широк дол" е променета и од денеска започнуваат градежните работи на улицата.
Штип, 24 мај 2024 (МИА) – Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар", Кирил Зајков, денеска на прес-конференција соопштија дека канализационата мрежа на улицата „Широк дол" е променета и од денеска започнуваат градежните работи на улицата.
Како што беше посочено, предвидено е да се нанесат два асфалтни слоја на тротоарските површини и да се постави сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и улично осветлување.
– Наредните денови и недели треба најпрво да се извади старата коцка, а потоа да се третира надворешниот дел со поставување асфалтни слоеви и третирање на тротоарските површини. Вкупно средства кои што се обезбедени преку ЈП „Исар" за промена на подземната инсталација и преку Светска банка за асфалтирање и за уредување на тротоарските површини и за поставување сообраќајна сигнализација е некаде околу 10 милиони денари, посочи Јорданов.
Додаде дека во моментов кај градските гробишта се работи на асфалтирање на 1.200 метри квадратни површина, додека пак, за реализација на проектот од буџетот на Општина Штип се издвоени 2,2 милиони денари.
Во иднина се планирани уште неколку проекти на повеќе локации во градот Штип. вдј/ра
Фото: МИА