Се реконструира влезот во Големиот градски парк во Струмица
- Наскоро треба да заврши реконструкцијата на влезот во Големиот градски парк во Струмица, пред споменикот на народниот херој Благој Јанков Мучето.

Струмица, 7 март 2025 (МИА) - Наскоро треба да заврши реконструкцијата на влезот во Големиот градски парк во Струмица, пред споменикот на народниот херој Благој Јанков Мучето.
На потег од над 2.000 метри квадратни ќе бидат поставени травертин и гранит, а во тек е изградбата на новата фонтана и уредување на жардиниерите.
-Влезот во паркот ќе биде уреден со столбови и ковано железо, а по завршувањето на работите ќе бидат поставени нови клупи и канти за отпад, информираше градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов на неговиот фејсбук профил.
Тој најави дека по завршувањето на оваа инвестиција, вредна 13,9 милиони денари, ќе се пристапи кон реконструкција на малиот парк во центарот на градот, односно кај споменикот подигнат во чест на загинатите во пожарот над градот Струмица. рт/мд/
Фото: Општина Струмица